• среда, 27 ноември 2024

Презентиран веб портал etransport за контрола на превозниците на патници

Презентиран веб портал etransport за контрола на превозниците на патници
Скопје, 12 ноември 2022 (МИА) - Министрите за транспорт и врски и за внатрешни работи Благој Бочварски и Оливер Спасовски, директорот на Инспекторатот за транспорт Гајур Рушити и директорката на Царинската управа Славица Кутиров потпишаа договор за размена на податоци во делот на патниот и товарнит транспорт, а беше презентиран и веб портал etransport.mtc.gov.mk. Министерот  Бочварски истакна дека водејќи се од транспарентноста на работата, а се со цел да се овозможи поголема граѓанска контрола во делот на патниот транспорт, во соработка со Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, и Државниот инспекторат за транспорт, пристапиле кон изработка на веб - платформа преку која во реално време граѓаните ќе можат да вршат проверка и контрола за видот и типот на лиценците на превозниците во патниот транспорт, односно дали поседуваат соодветни дозволи за вршење на превоз на патници. -Како една од системските мерки за подобра контрола, се овозможи пристап на платформата за интероперабилност каде што контролните органи, секој во својата надлежност, ќе може да пристапи кон проверка на податоците со кои што располага Министерството за транспорт и врски, рече Бочварски. Според него, на контролните органи им се овозможува електронски пристап до: евиденцијата на превозници, податоци за нивните лиценци, податоци за возила коишто ги поседуваат, податоци за изводи од лиценци коишто припаѓаат на одредено возило и податоци за вработени возачи – со што контролните служби ќе можат да проверат дали лицето е вработено или не во фирмата превозник, како и дали поседува сертификат за професионална компетентност на возач што е неопходен документ при вршење меѓународен превоз на патници или стоки во патниот сообраќај. Преку овој систем на електронска контрола се дополнува досегашната процедура за хартиена проверка на документите и се добива второстепена контрола или двоен филтер. -Сметаме дека на овој начин ќе овозможиме брза, навремена и ефикасна контрола на сите учесници во патниот и товарниот транспорт. Дополнително отворајќи ја нашата база во реално време за институциите се спротивставуваме на сите оние кои се дрзнуваат да прават измами и фалсификати на документацијата, а со ова им помагаме на контролните органи. Она што е уште позначајно и за што веруваме дека ќе го подигнеме нивото на услугите за граѓаните е изработка на веб платформа со која посебен фокус даваме на граѓанската контрола, рече Бочварски. Министерството за транспорт и врски ја изработи веб платформата etransport.mtc.gov.mk, преку која граѓаните ќе можат во реално време да вршат проверка на превозниците кои вршат превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот сообраќај. Постапката за проверка е во неколку чекори. На пребарувачот граѓаните внесуваат etransport.mtc.gov.mk. На почетниот екран се појавуваат две опции: Да се изврши проверка на превозникот по име на фирма и/или да се изврши проверка на превозникот по број на регистарска таблица на возилото. Бочварски нагласи дека доколку при пребарувањето се утврди дека компанијата не постои или не е лиценцирана или друга неправилност, секој еден ќе може да пријави на наведените адреси и телефонски броеви кои што се вметнати во прозорчето во самата апликација. Согласно законските надлежности, соодветната институција по пријава ќе постапи по службена должност во рокот предвиден за тоа. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека со денешното потпишување на договорот за институционална соработка креиравме уште еден битен механизам во делот на осовременување на регулацијата на транспортот на патници и стоки. -Токму овој модерен начин на комуникација ќе овозможи доследно, навремено, прецизно, споделување на информации, а со тоа и на поефикасно спроведување на законите во оваа област, рече Спасовски. Министерот изрази увереност дека оваа презентираната веб - страница ќе биде корисна и за надлежните служби при контролата и за граѓаните. Целите што се очекуваат, како што наведе Спасовски, не се ограничени само на транспаретноста туку и за повисоко ниво на одговорност и за зголемување на одговорноста и безбедноста на патниот сообраќај. Директорката на Царинската управа, Славица Кутиров истакна дека во текот на оваа година, Царинската управа заедно со Министерството за транспорт и врски интензивно работеше на надградба на системите на двете институции и нивно поврзување преку платформата за интероперабилност. Како резултат на овој развој, рече таа, креирани се нови сервиси кои на царинските службеници на граничните премини им овозможуваат во реално време да вршат проверка на веродостојноста на приложените документи, односно на изводот од лиценца за возилата и сертификатите на возачите, дирекно во базите на податоци во системите на Министерството за транспорт и врски. -Доколку при проверката се покаже дека приложените документи не се валидни, системот автоматски ќе испрати известување до Државниот инспекторат за транспорт, како надлежен за понатамошно постапување, рече Кутиров. Поврзувањето на двете институции и користењето на овој сервис, вели таа претставува голем чекор напред кон спречување или максимизирање на нелегални активности на сите учесници во прекуграничниот сообраќај. ев/лв/

 

Остани поврзан