• среда, 27 ноември 2024

Презентирана предлог националната стратегија за интегрирано гранично управување

Презентирана предлог националната стратегија за интегрирано гранично управување
Скопје, 30 септември 2021 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска присуствуваше на презентација на Предлог-националната стратегија за интегрирано гранично управување, која се одржа во просториите на МВР. -Предлог-Националната стратегија е подготвена во рамките на твининг проектот „Усогласување на националните системи со ЕУ и Шенген барањата во областа на граничното управување“ – ИПА 2016, кој во моментот се спроведува во Министерството за внатрешни работи, информираат од МВР. Министерот Спасовски вообраќањето истакна дека отворени и безбедни граници е еден од столбовите на кој се потпира Европската Унија. -Со воведување на Интегрираното гранично управување како концепт за кохерентни и координирани системи за управување со границата, земјите членки обезбедија безбедни граници со што е можно помалку непријатности за патниците и прекуграничната трговија, координација во рамките и помеѓу граничните служби и зајакната меѓународна соработка. Во таа насока од исклучителна важност за Република Северна Македонија е понатамошниот развој, односно усогласување на управувањето со нашите граници со европскиот модел. Сето ова не би било возможно без поддршката што ЕУ ја дава на МВР преку Инструментот за претпристапна помош, за што сум искрено благодарен, рече Спасовски. Подготовката на Предлог-Националната стратегија за интегрирано гранично управување на Република Северна Македонија беше една од главните активности на МВР, во рамки на твининг проектот „Усогласување на националните системи со ЕУ и Шенген барањата во областа на граничното управување“. -Членството во Европската Унија е стратешка цел за Република Северна Македонија. Во насока на исполнување на потребните услови, Министерството за внатрешни работи и останатите институции задолжени за спроведување на законот преземаат серија сложени приспособувања, чија крајна цел е успешно прифаќање на ЕУ стандардите во сите области поврзани со граничното управување. Забрзано усогласување на националното законодавство и креирање на политики за интегрирано гранично управување согласно стандардите на ЕУ се меѓу тие важни приспособувања, истакна министерот Спасовски. Тој упати благодарност до Република Словенија и Словачката Република за придонесот што го дадоа во подготовката на овој значаен документ, но и за континуираната поддршка што ја добива МВР во изминатите две години, додавајќи дека станува збор за две членки на ЕУ со исклучително големо искуство од кои може многу да се научи, како и до Европската Унија за поддршката којашто ја дава на Министерството за внатрешни работи преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА). -Република Северна Македонија, како дел од европското семејство, ги дели истите вредности со другите земји во Европа, но и се соочува со истите глобални закани и предизвици. Натамошното развивање на националниот систем за Интегрираното гранично управување согласно европските стандарди ќе ја подобри националната гранична безбедност, но истовремено ќе овозможи и поефикасен заеднички пристап и координирано справување со сегашните и идни закани по националната и европската гранична безбедност генерално, што е од посебна важност, особено ако се има предвид дека граничната безбедност е директно поврзана со повеќе различни сегменти на националната безбедност, подвлече министерот Спасовски.ир/лв/

Остани поврзан