• недела, 24 ноември 2024

Презентација на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди Инклудиран“

Презентација на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди Инклудиран“

Скопје, 15 март 2023 (МИА) - Во Скопје денеска во рамки на третата проектна кампања ќе биде претставен проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, финансиран од Европската Унија. Проектот ќе се реализира  до мај  годинава, а предвидено е да се одржат осум регионални настани во осумте плански региони.

Инклузија и инклузивно образование, претставување на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди Инклудиран“, е најавено да одржи Бранка Џајковска,  а преглед на статистички податоци и локалните трендови како основа за креирање на инклузивни политики и акциски планови, ќе презентира Елена Мишиќ.

„Успешни практики, предизвици и активности на полето на инклузијата во Општина Аеродром“, е темата на која ќе говори и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски. 

Градови-домаќини на останатите настани ќе бидат: Куманово, Тетово, Битола, Струмица, Струга, Штип и Кавадарци, а учесници ќе бидат претставници од училиштата, општините, невладините организации, општествено одговорни компании и поединци.

Целта на овие настани е да се разговара за инклузијата и инклузивното образование, да се претстават активностите и постигнувањата на Проектот, а планирана е и заедничка дискусија за успешните приказни на полето на инклузијата како и предизвиците со кои се соочуваат училиштата, институциите и општините во својата намера да обезбедат инклузивна клима.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ се заложува за квалитетно и инклузивно образование со цел секое дете да има еднакви можности за развој, учење и остварување на своите потенцијали. Проектот го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“,  вo соработка со Министерството за образование и наука.

Во рамки на проектот се доделени стипендии на повеќе од 470 ученици со попреченост кои се запишани во основни училишта, а повеќе од 150 од овие ученици добија и туторска и образовна поддршка. Се поддржуваат и наставниците, инклузивните тимови и образовните асистенти преку обуки за професионален развој. Дополнително, се подобри пристапноста и инклузивноста во 43 редовни основни училишта преку опремување на 22 сензорни соби, 3 сензорни катчиња и 1 сензорна градина, набавка на 1 уред за мобилност низ училишната зграда и 5 пакети дидактички, сензорни и асистивни средства и помагала, реновирање на 1 пристапен тоалет и изградба на 10 инклузивни игралишта. цр/лв/

Фото: принт скрин

Остани поврзан