Пред утрешниот почеток на вакцинацијата против сезонски грип надлежните во Дебар апелираат да се почитува терминот
- Дебарската работна единица на Заводот за јавно здравје, која со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа, информираше дека вакцинацијата против сезонски грип почнува утре, апелирајќи да се почитува терминот.
Дебар, 20 октомври 2024 (МИА) - Дебарската работна единица на Заводот за јавно здравје, која со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа, информираше дека вакцинацијата против сезонски грип почнува утре, апелирајќи да се почитува терминот.
-Веќе ја добивме првата количина и утре почнуваме со имунизација. Овен за граѓаните од ризичните групи кои се пријавиле за вакцинација преку веб страницата Vakcinacija.mk, имаме и дози комерцијални вакцини. Минатата година потрошивме над 600 дози што беше најголема бројка, а беа опфатени лица од двете општини, жителите од подрачјето на Долна Река, општина Маврово Ростуше, како и граѓани жители на други градови кои во овој период се во нивните родни места, а кои во апликацијата го навеле Дебар како пункт за вакцинација, велат од единицата.
Додаваат дека дел од граѓаните од ризичните групи кои се пријавиле за вакцинација веќе имаат добиено СМС-порака за точниот датум, час и место за вакцинирање.
-Ги замолуваме граѓаните кои аплицирале да проверат дали добиле порака и секако да го почитуваат терминот за вакцинација. Следните денови вакви пораки ќе добијат сите кои аплицирале. Уште еднаш апелирам да се вакцинираат против сезонскиот грип, бидејќи тоа е најефикасната мерка за заштита, посочуваат од единицата.
Посочуваат дека со бесплатната вакцинација и во ова подрачје, се опфаќаат возрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, како деца од шест месеци до пет години.
-Пред три дена добив порака со термин за утре во 9:50 часот. Секако дека ќе одам. Редовно се вакцинирам против сезонски грип и зимскиот период го минувам без некои поголеми проблеми. Ова е добро посебно за нас возрасните и хроничните болни, вели Јованка Гигоска.
Работната единица просторно е сместена во кругот на Општата болница со проширена дејност во Дебар. вт/вј/
Фото: МИА