• сабота, 21 декември 2024

Пред примирјето, израелската армија го уништи тунелот на Хамас под болницата Ал-Шифа

Пред примирјето, израелската армија го уништи тунелот на Хамас под болницата Ал-Шифа

Газа, 24 ноември 2023 (МИА) - Пред да стапи на сила четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа утринава, израелската армија го уништи тунелот на палестинската исламска организација што го откри под болницата Ал-Шифа во градот Газа и го заврши распоредувањето на линиите за прекин на огнот. 

ИД (Израелските одбранбени сили) соопштија дека до седум часот утринава, кога започна примирјето, напаѓале цели на Хамас низ појасот Газа и инфраструктурата на таа организација, која Израел, САД и ЕУ ја сметаат за терористичка, и дека се судриле со оперативци.

Израелската армија фрли летоци со кои ги предупредува жителите на северот на Газа да не се враќаат во областа бидејќи таа и понатаму е воена зона и покрај прекинот на огнот.

Палестинските власти ги повикаа раселените Палестинци да се вратат, јавуваат израелските медиуми.

Воениот портпарол Авихај Адраи објави изјава на арапски дека војната не е завршена.

Според ОН, израелското бомбардирање ја уништи палестинската територија и предизвика хуманитарна криза.

Околу 1,7 милиони од вкупното население на Газа од 2,4 милиони се раселени, а хуманитарната помош е оскудна.

Врз основа на договорот за прекин на огнот, ќе биде дозволен влез на поголем број хуманитарни конвои, вклучително и гориво, соопшти Катар, кој посредуваше во договорот.

Агенциите за помош, меѓутоа, оценуваат дека тоа не е доволно и повикуваат на вистински прекин на огнот. паг/

Фото: МИА архива

 



Остани поврзан