• петок, 27 декември 2024

Пред Олимпијадата во Париз, ракометна судиска двојка Начевски и Николов кај градоначалникот Ѓорѓиевски

Пред Олимпијадата во Париз, ракометна судиска двојка Начевски и Николов кај градоначалникот Ѓорѓиевски

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) - Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со најдобрата македонска и светска ракометна судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. По бројните врвни натпреварувања од кои ќе ги спомнеме последните - Светското првенство во Шведска во 2022 година, финалето на СП во 2023 година во Унгарија, Шведска и Австрија, како и полуфиналето на ЕП во 2024 година во Германија, своевремено најдобра судиска двојка во светот во избор на Светската ракометна федерација (ИХФ), летово ќе ја дели правдата на Олимписките игри во Париз.

За Начевски и Николов ова ќе биде четврта Олимпијада, по Лондон, Рио и Токио. Градоначалникот Ѓорѓиевски им го честиташе големиот успех за кој тие недамна од Општина Кисела Вода добија статуетката во форма на клуч која се доделува на сите заслужни жители, информираат од Општина Кисела Вода.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакнал дека му причинува големо задоволство што и денеска, како што рекол, прославуваат уште еден успех на оваа светски призната ракометна судиска двојка.

-Да се суди на Олимпијада и тоа по четврти пат говори за континуиран квалитет со кој сме горди сите ние, пред се жители на Општина Кисела Вода, но и цела Македонија. Од неодамна и официјално ги прогласивме за наши почесни граѓани и се надевам дека листата со успеси ќе продолжат да ја збогатуваат со уште вакви значајни натпреварувања. Како градоначалник на Општина Кисела Вода, вложувам големи заложби за достоен третман на големите спортски ѕвезди и по официјалното завршување на нивните натпреварувања. Како локална самоуправа се трудиме да го искористиме нивниот потенцијал и тоа најмногу за младите таленти, па така нашите ученици во своите училишта спортуваат со ракометарот Аце Станковски, судијата Славе Николов, како и со поранешниот репрезентативец, ракометарот Кирил Атанасовски, истакнал градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на денешната средба со Начевски и Николов. сст/са/

фото Општина Кисела Вода 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан