• среда, 25 декември 2024

Пред Македониумот свечено е отворена манифестацијата „Крушево град на културата за 2023“

Пред Македониумот свечено е отворена манифестацијата „Крушево град на културата за 2023“

Крушево, 27 мај 2023 (МИА) - Со претставување на големиот македонски уметник, сликарот Никола Мартиновски во галеријата Мартиновски и со концерт пред Македониумот синоќа во Крушево беше официјално отворена манифестацијата „Крушево, град на културата“ под мотото „Крушево – жив тестамент на културата“. Манифестацијата беше отворена пред амбасадори, посетители, граѓани, пред пријатели на Крушево.

-На Крушево му требаше само една формална титула за Град на културата, зашто Крушео, самото по себе е живописно, уникатно и е жив тестамент на културата на историјата, на нашиот идентитет. Оваа година славиме 120 години од Илинденското востание и Крушево уште еднаш ќе биде центар на вниманието, како што и заслужува. Оваа, ќе ја наречам круна, е само оддавање признание на сите вредности кои Крушево ги носи, изјави министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која и официјално ја отвори манифестацијата.

Градот ќе понуди околу 60 културни настани кои двојно ќе ја зголемат посетеноста на највисокиот историски и туристички град во земјава.

- Низ цела година, започнувајќи сега официјално, имаме околу 60 настани, различни содржини, манифестации кои ќе ни се случуваат 365 дена. Имаме културни, историски, ликовни, музичко сценски настани, меѓународни натпреварувања, спортски настани кои пак ќе донесат многу посетители отсекаде кои ќе моѓе да ги слушнат историските и културни приказни на Крушево. Ги имаме музеите, спомениците. Ги промовираме ликовите на големиот уметник Никола Мартиноски, на големиот Тоше Проески, ги имаме Македониумот, музеите, традициите. Сега очекуваме уште поголем број посетители да ги запознаеме со вредностите на Крушево, рече градоначалникот Томе Христоски.

Двојно поголема посетеност очекува и директорот на Историски музеј од Крушево, Тома Тана.

-Крушево е нашата историја. Имаме шест музеи, шест споменици на историјата и културата и очекуваме голема посетеност. Музеите постојано се отворени за посета и да ги раскажат приказните, изјави Тома Тана.

Концертот „Безвременска хармонија“ со евергрини пред Македониумот во чест на отворањето на манифестацијата „Крушево-град на културата“ го изведе Камерниот оркестар на Битола во придружба на хор и единаесет солисти. ем/ев/

ФОТО: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан