• четврток, 26 декември 2024

Пред Анкетната комисија за работењето на Онкологија сведочеа луѓе со искуства во лекувањето

Пред Анкетната комисија за работењето на Онкологија сведочеа луѓе со искуства во лекувањето

Скопје, 1 ноември 2023 (МИА) - Откако избил во јавноста скандалот за случувањата на Онкологија, не добила ниту една порака од онколошки пациенти дека „некој нешто им побарал, дали мито или да си купи лек“, изјави Македонка Икономова-Давчева, претседателка  на Здружението „Љубов сме“ на сведочењето пред собраниската Анкетна комисија за работењето на Клиниката за радотерапија и онкологија.

Три години откако станала пациент на оваа клиника, во 2020 година го формирала  Здружението кое функционира како ФБ-група со околу 4000 следачи, каде што онколошки пациенти разменуваат пораки и искуства. Го регистрирала здружението, рече, за да бараат од државата подобар и достоинствен третман за лекување на онколошките пациенти, на жените да им се обезбедат редовни ехо и мамографски прегледи на дојка. 

Во сведочењето пред пратениците Икономова-Давчева  рече дека не забележала нешто сомнително и верува, рече, дека ја примала хемотерапијата затоа што ги имала нус-појавите. Биолошка терапија не примала. На Онкологија оваа терапија, рече, била воведена во 2018 година и за онколошките пациенти значела „искра надеж дека ќе има поголем ефект во нивното лекување“. Ги појасни предностите на биолошката терапија – за разлика од хемотерапијата ги напаѓа само болните клетки, не и здравите.

Три години немало никаков проблем со снабденоста на лекови, а недостигот почнал да се појавува, рече, кога министерот за здравство Венко Филипче дал оставка. Потоа проблемите продолжиле и терапијата „час ја имаше, час ја немаше“.

За биолошката терапија  посочи дека е иновативна и се применува во европски земји и затоа порача дека „нашата земја треба и мора да ни ја овозможи кога се стреми да оди кон ЕУ“.

- Нас, онколошките пациенти, не нѐ интересира колку чини терапијата, тоа се многу пари, но ние заслужуваме да живееме, рече Икономова-Давчева.

Сведочеше и Даријан Петров, кој неколку дена по информациите за злоупотреби на Онкологија ја формирал граѓанската иницијатива „Одговорност“ и учествува на протестите пред Обвинителството. Пред собраниската Анкетна комисија зборуваше за  лекувањето на неговата мајка, која во 2020 година ја загубила битката со карцином. 

Рече дека по дијагностицирањето на болеста во 2015 година, им било сугерирано за терапија да ја избегнат Клиниката за онкологија и да изберат  приватна клиника бидејќи на државната клиника цитостатиците не биле квалитетни. На прашање кој ги советувал така, одговори дека советот бил од „медицински кругови“ и од лекари што ги познавала мајка му, и самата докторка во јавно здравство, но дека тоа не биле лекари од Онкологија. 

Орални цитостатици на секои една до две недели потоа набавувале приватно од Врање, зашто ги немало во државава, и по четири години, рече, нивното семејство финансиски колабирало. 

Во 2019  се одлучиле терапија да примат на Онкологија затоа што од онкологот Џозеф Глигоров од Париз разбрале дека терапијата ја има на нашата клиника и дека им следува од ФЗОМ. Но набргу се соочиле со недостиг на терапијата и тоа го нарушило дотогаш прецизното и навремено дозирање, период на неизвесност што Петров го нарече трауматичен. 

Лекувањето го продолжиле на приватна клиника каде што се соочиле со нехуманост кога од медицинска сестра им било кажано дека на неговата мајка, која веќе била во терминална фаза, ѝ бил даден физиолошки раствор против болки наместо аналгетик „за да видат дали навистина има болки или не“.  

-За мене беше шок такво нешто да му се каже на семејство, рече Петров, додавајќи дека тоа било период на КОВИД-пандемија кога хоспитализирањето во приватните болници било „непоимливо скапо“. 

Од лекување во државното здравство ги одвратило, рече, неетичноста, но дека „она што е во приватните клиники е само фасада“. - Имаме целосен колапс на целиот систем, заклучи Петров.

Седницата на собраниската Анкетна комисија прекина и, како што рече претседателката Рашела Мизрахи, продлжението ќе биде дополнително соопштено. 

За сведоци денеска биле повикани и народниот правобранител Насер Зибери, кој одговорил дека не е во можност да присуствува, д-р Калина Гривчева-Старделова, која била надвор од државата, а претставници од Здружението „Борка“, рече Мизрахи, не одговориле на поканата да сведочат за работењето на Онкологија пред пратениците во оваа собраниска комисија. хс/аа/

Фото: принтскрин 

Остани поврзан