• среда, 25 декември 2024

Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници го помина комисискиот филтер

Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници го помина комисискиот филтер

Скопје, 5 февруари 2024 (МИА) - Предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, по скратена постапка и со европско знаменце попладнево доби поддршка од членовите на собраниската Комисија за европски рашања. За овој закон, кој е дел од пакетот закони подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација, беа поднесени вкупно 10 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кои беа одбиени.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и денеска обвинија дека со предлог-законот нема никакво усогласување со европското законодавсто и оти се злоупотребува европското знаменце.

Како што стои во образложението за Предлог-законот објавено на собраниската веб-страна, со него се уредува постапката на организирање и спроведување обука на административните службеници, основањето и работењето на Агенција за обука на административните службеници, како и други прашања од значење за стручното усовршување на административните службеници.

Целта на Законот, како што се наведува, е обезбедување на квалитетно, професионално, непристрасно, ефективно и ефикасно работење на административните службеници, согласно Уставот на Република Северна Македонија и закон, преку нивно постојано стручно усовршување и обучување.

-Предлог законот ќе претставува нова нормативно правна институционална поставеност во системот на уредување на правата и обврските на административните службеници, со цел сеопфатно системско уредување на односите на ова прашање. Важно е да се нагласи дека првпат во историјата на македонската администрација ова прашање со сета негова сложеност, суштински, соодветно и во целост ќе се опфати со закон, за што ќе се формира и агенција за обука на административните службеници, како институција, надлежна за спроведување на законот. Предлог законот нуди системски решенија, со институционален пристап, преку кој, административните службеници ќе можат да ги задоволат потребите за јакнење и надградба на своите професионални компетенции. Овој предлог закон обезбедува и верификација на ново стекнатите знаења и вештини, кои, административните службеници ќе можат да ги валозирираат во пракса, како професионален одговор на работните обврски и задачи во институциите каде се вработени, се вели во образложението за предлог-законот.

Комисијата за европски прашања ја почна амандманската расправа по Предлог на законот за вработените во јавниот сектор, по скратена постапка. За овој предлог-закон поднесени се пет амандмани од овластени предлагачи. фф/aa/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан