• среда, 25 декември 2024

Предлог - иницијативата за потребата од уставни измени се разгледува во Министерството за правда

Предлог - иницијативата за потребата од уставни измени се разгледува во Министерството за правда

Скопје, 30 мај 2023 (МИА) - Предлог-иницијативата за уставни измени е во Министерството за правда каде се проверува од номотехнички аспект, а потоа ќе биде дадена на превод на албански јазик, информираат за МИА од Министерството за правда. 

Оттаму велат дека откако ќе биде подготвена таа ќе биде испратена до Владата, која треба да ја разгледа и усвои. Потоа, Предлог-иницијативата ќе биде доставена до Собранието. 

Според информации на МИА, постапката за носење на уставните измени би требало да започне во средината на јуни. 

Работната група на седницата во петокот ја усвои Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување. 

Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ, изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарира Цаца Николовска.  Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во амандманот 34 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот на Република Северна Македонија со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ. 

Премиерот Димитар Ковачевски во саботата го повика на средба лидерот на опозоцијата Христија Мицкоски на која, меѓудругото би се разговарале за евроатланскиот пат на земјата. Мицкоски се согласи на средба со тоа што исто така бара на неа да се разговара за тоа што ќе биде со земјата доколку не се усвојат уставните измени. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставни измени под овие, како што наведуваат, услови. 

Очекувањата се дека оваа средба би се случила од викендот натаму имајќи предвид дека Ковачевски е на службено патување во Братислава. 

Како краен рок за устани измени се посочува ноемри, кога треба да заврши скринингот на ЕК и да се одржи втората меѓувладина конференција и ќе почнат преговорите по поглавја. ев/ац/

Остани поврзан