Предлог за забрана за трки со кучиња на Нов Зеланд
- Нов Зеланд е една од петте земји, заедно со САД, Ирска, Австралија и Велика Британија, во коишто сè уште се дозволени комерцијални трки со кучиња.
Велингтон, 10 декември 2024 (МИА) - Владата на Нов Зеланд денеска предложи закон за забрана на трките со кучиња во 2026 година, нагласувајќи ја грижата за благосостојбата на животните и посочувајќи дека кучињата често се повредени во трките.
Нов Зеланд е една од петте земји, заедно со САД, Ирска, Австралија и Велика Британија, во коишто сè уште се дозволени комерцијални трки со кучиња. Според активисти за правата на животните, во трките во сезоната 2023 - '24 година во Нов Зеланд угинале 13 песови. Се наведуваат и стотици смртни случаи и десетици илјади повреди на животни на австралиските тркачки патеки последниве години. Трките со кучиња долго време се јавно критикувани поради суровоста и „повредите, коишто, иако со малку пониска стапка (од порано), сепак се неприфатливо високи“, како што рече министерот за инфраструктура и трки, Винстон Питерс.
- Трките ќе бидат укинати следниве 20 месеци. Назначен е и Советодавен комитет за вдомување на околу 2.900 тркачки кучиња, изјави Питерс.
Новиот закон е поддржан од опозициската Лабуристичка партија.
Австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс се обиде да ги забрани трките со кучиња во 2017., но се повлече по силната реакција од претставниците на оваа стопанска гранка.
На Нов Зеланд, инаку, таа сочинува 8,5 отсто од тркачкото стопанство, и чини околу 1,3 милијарди новозеландски долари (околу 718 милиони евра), со над 1.000 работни места со полно работно време. Забраната на трките значи дека стотици одгледувачи, тренери и вработени во оваа стопанска гранка се соочуваат со губење на работното место. си/
Фото: Фрипик