• сабота, 28 декември 2024

Предлогот на ЕК за макрофинансиска помош за Северна Македонија на седница на КОРЕПЕР

Предлогот на ЕК за макрофинансиска помош за Северна Македонија на седница на КОРЕПЕР

Брисел, 5 јули 2023 (МИА) - Предлог-одлуката за обезбедување макрофинансиска помош за Северна Македонија од страна на ЕУ ќе се најде на дневниот ред на седницата на Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР), што започнува денеска.

Со Предлог-одлуката, усвоена од страна на Европската комисија на 6 февруари годинава, се предвидува обезбедување макрофинансиска помош за земјава во износ до 100 милиони евра, за справување со последиците предизвикани од руската агресија врз Украина.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, Предлогот-одлуката на Европската комисија на 13 јуни беше одобрена од Европскиот парламент во прво читање, по што сега му се предлага на КОРЕПЕР да ја одобри.

- Исходот од гласањето во Европскиот парламент го одразува постигнатиот договор меѓу институциите за прифаќање на предлогот на Комисијата и затоа треба да биде одобрен. Затоа, од Комитетот на постојаните претставници се бара да ја потврди својата согласност и да му предложи на Советот да ја одобри позицијата на Европскиот парламент, се наведува во предлог-иницијативата што треба да биде разгледана на денешното заседание на КОРЕПЕР.

За одлуката да биде конечно усвоена, таа треба да биде одобрена од Советот на ЕУ, по што ќе стапи во сила откако ќе биде потпишана на претседателите на Европскиот парламент и на Советот и објавена во Службениот весник на Европската Унија.

Како што се посочува во текстот на Предлогот, со ваквата одлука Европската комисија „застанува покрај Северна Македонија во овие предизвикувачки времиња, бидејќи по руската агресивна војна против Украина, надворешниот биланс на земјата се влоши поради нејзината голема зависност од увоз на гориво и електрична енергија. 

- Предложената помош ќе придонесе за покривање на финансиските потреби на Северна Македонија во 2023 и 2024 година, поддржувајќи ја и фискалната одржливост и структурните реформи. Предлогот е придружен од 24-месечната програма за поддршка склучена со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) од 530 милиони евра.

Предвидено е помошта да биде исплатена во форма на заеми во две транши, но нивната исплата ќе зависи од реформите на политиките во областите на фискалното управување, даночната политика, управувањето со јавните инвестиции, јавно-приватните партнерства, деловното опкружување, транспарентноста во државната помош, енергетската ефикасност, реформите во судството и борбата против корупцијата, како и од спроведувањето на програмата на ММФ. 

- Овие реформи ќе ја поддржат Северна Македонија на нејзиниот пат кон членство во ЕУ, се додава во предлогот на Еврокомисијата, при што се посочува дека „Северна Македонија е земја кандидат за членство во ЕУ, која формално ги отвори пристапните преговори со ЕУ во јули 2022 година“.

Макрофинансиската помош е дел од поширокиот ангажман на ЕУ за поддршка на земјите кандидати за членство и партнерите од соседството, предвидена како исклучителен инструмент за одговор на кризи при сериозни проблеми со платниот биланс. 

Во април 2020 година Еврокомисијата усвои предлог-пакет за макрофинансиска помош во износ од 3 милијарди евра наменета за 10 земји кандидати за членство и партнери од соседството наменети за ограничување на економските последици од ковид пандемијата. Одлуката беше усвоена од Европскиот парламент и Советот на ЕУ во мај истата година.

Како дел од овој пакет, ЕУ и додели макрофинансиска помош на земјава во износ од 160 милиони евра. Првата транша од 80 милиони евра беше исплатена во октомври 2020 година, а втората, исто така во износ од 80 милиони евра, во јуни 2021 година, по позитивната оценка од Европската комисија за напредокот постигнат во однос на исполнувањето на условите поврзани со оваа помош. сп/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан