• четврток, 26 декември 2024

Предлогот за избор на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа на седница на Собранието

Предлогот за избор на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа на седница на Собранието
Скопје, 17 октомври 2022 (МИА) - Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи 88. седница, на која пратениците ќе дискутираат за предлогот за избор на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа. Пенов е предложен за ова министерско место откако досегашниот министер за локална самоуправа Горан Милевски на 20 септември годинава поднесе оставка од функцијата од лични причини. На оваа пленарна седница, пратениците ќе дискутираат и за предлозите за избор на судии на Уставниот суд на Република Северна Македонија, како и за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, по скратена постапка. Исто така, на дневен ред се и Предлог-одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите, Предлогот за изменување на Одлуката за разрешување и именување претседател и членови на Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември", Предлог-законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за соработка во областа на дијаспората, Предлог-законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската комисија и Република Северна Македонија за посебните постапки за спроведување финансиска помош според Инструментот за претпристапна помош (ИПА III). Пратениците треба да ги разгледаат и предлозите за изменување на законите за земање и пресадување делови на човечкото тело заради лекување, за јавно здравје, за безбедност на козметичките производи, за хемикалии, за репродуктивен материјал од шумски видови дрвја. На дневен ред, меѓу другото, се и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, по итна постапка, Предлог-законот за изменување на Законот за заштита на децата, по скратена постапка, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетска ефикасност, по скратена постапка, Предлог-законот за дополнување на Законот за задолжителни нафтени резерви, Предлог-законот за изменување на Законот за трговија, по скратена постапка, Предлог-законот за изменување на Законот за концесии и јавно приватно партнерство, по скратена постапка. Треба да се дебатира и за Предлог-законот за изменување на Законот за јавните претпријатија, Предлог-законот за изменување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, како и за изменување на финансискиот план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2022 година со дополнување и пренамена на средства. фф/са/

Остани поврзан