• четврток, 26 декември 2024

Предлог-законот за управување со конфискуван имот и предмети во кривична и прекршочна постапка наскоро во владина процедура

Предлог-законот за управување со конфискуван имот и предмети во кривична и прекршочна постапка наскоро во владина процедура

Скопје, 4 април 2023 (МИА) - Новиот Предлог-закон за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, кој наскоро ќе влезе во владина процедура, беше главна тема на денешната средба на министерот за правда Кренар Лога со директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу.

Како што соопшти Министерството за правда, со предложените измени ќе се зајакне улогата и ќе се зголеми одговорноста на Управниот одбор на Агенцијата, ќе се унапредат начините на продажба на конфискуваниот имот преку предвидување на дополнителни начини за продажба, а ќе се воведи и можноста за првенствено купување на сосопствениците на одземените или конфискувани предмети.

- Со законот се воведуваат соодветни рокови на постапување на Агенцијата кон другите органи, воведување на електронски регистар за водење на одземениот и конфискуван имот,  одредби со кои се ограничува можноста од евентуални злоупотреби во однос на висината на цената на понудувачите, како и воведување на критериуми за дисквалификација на несовесните учесници на јавното наддавање, унапредување на одредбите со кои се уредува јавната продажба на одземениот или конфискуван имот, нормирање на постапката за управување со хартии од вредност, удели и електронски пари, привремено одземените ефективни домашни и странски парични средства, одземени предмети од историско и културно значење, скапоцени камења и благородни метали, унапредување на одредбите што се однесуваат на постапката за продажба и управување со одземените и конфискувани моторни возила, како и прецизирање на одредбите за управување со одземен имот што се состои во оружје или експлозивни материи, наркотични дроги и опасни материи, се наведува во соопштението. 

На средбата се разговараше и за проблемот со кој се соочува Агенцијата во однос на одземените возила кои имаат наследни проблеми, односно не може да се идентификува сопственоста.

- Министерот за правда Кренар Лога и директорот на Агенцијата Дритон Небиу ќе преземат повеќе активности на терен за увид во одземениот имот, се додава во соопштението. сп/

Остани поврзан