• четврток, 26 декември 2024

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данок на добивка проследен на натамошна собраниска постапка

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данок на добивка проследен на натамошна собраниска постапка

Скопје, 31 јули 2023 (МИА) - Собраниската Комисија за европски прашања на денешното четврто продолжение на седницата го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данок на добивка и одлучи да го проследи на натамошна собраниска постапка.

Претходно, во расправата не беа прифатени два амандмана поднесени од пратеници од опозицијата. Со првиот амандман се предлагаше да се избрише членот четири од Предлог-законот и членот со кој се предвидува обврска за плаќање на петкратен износ на данок во случај кога даночниот обврзник не може да докаже дека даночното ослободување го искористил за вложување во материјални и нематеријални средства за проширување на дејноста. Со вториот амандман се бараше бришење на членот пет од Предлог-законот и да продолжи постојниот модел за финансирање на спортот.

Пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во името на поднесувачите ги претстави двата амандмана, истакна дека даночната реформа не е доработена и дека никој не знае што се носи со неа. Со реформата, како што кажа, само ќе се стимулира сивата економија, а бизнисите ќе се селат надвор од државата за да не плаќаат повисок данок.

-Со предлог-законот се остава преголема слобода на даночниот инспектор да толкува кој вложувања во материјални и нематеријални средства се однесуваат на проширување на дејноста, рече Стојаноски во образложението за првиот амандман.

Во образложението за вториот амандман, пак, посочи дека во овој момент до Собранието не е доставена информација како државата планира на спортистите да им подели 10 милиони евра доколку се избрише членот 30-а од Законот за добивка.

Со укинувањето на ваучер системот во спортот како што се предвидува во Предлог-законот, како што рече, спортистите нема да имаат предвидливост што ќе се случува со нив и дали ќе продолжи поддршката што ја добивале во текот на тренажниот процес или во подготовките за натпревари.

Заменик-министерот за финансии Филип Николоски во реплика рече дека се предвидува донесување на нов закон за спорт кој е во подготовка во Министерството за правда и треба да се донесе до крајот на годинава со кој, како што посочи, ќе се регулира начинот на поддршка на спортистите. вј/нд/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан