• вторник, 24 декември 2024

Измените на Законот за домување не го поминаа комисискиот филтер

Измените на Законот за домување не го поминаа комисискиот филтер

Скопје, 16 октомври 2024 (МИА) – Членовите на собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на денешната седница не ги усвоија Предлог дополнувањата на Законот за домување во прво читање, предложени од пратениците на политичката партија Левица.

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ во образложението истакна дека оваа законско решение го поднесуваат од две причини – првата е да им се излезе во пресрет на студентите и втората е социолошка природа. 

- Го предлагаме сега заради студентите затоа што сметам дека нема време да се чека. Владата и да има добри намери да ги отвори овие студентски домови, нема време да чекаме. Затоа го нудиме оваа законско решение токму сега. Сакаме да дадеме социолошко решение на еден многу поширок проблем. Јас како млад пратеник, како еден од малкуте кои сме под 30 години, во мојата демографска група, домувањето е неверојатен проблем. Сакам да ви посочам на тоа дека во мојата демографска група, иселувањето од Македонија се катализира преку овој проблем. Домувањето е еден од најглавните причини зошто младите ја напуштаат оваа држава затоа што немаат способност да дојдат до простор за домување. Уште пострашно е што нашите млади не се ниту кредитоспособни, затоа што работниот однос им се заснова на договори на определено време и банките не им даваат кредити за да влезат во кредитен однос за стан, рече Мециновиќ.

Пратеникот на Левица истакна дека со оваа законско решение бараат да се воведе горна граница за кирии која ќе биде во вредноста од 3 отсто од вредноста на станот.

- За истиот стан каде што сега е минималната граница 166 евра, сега горната граница би била 250 евра. Како Парламент треба да ја согледаме општата состојба, а тоа е дека во Македонија постои картелско и шпекулативно однесување на инвеститорите со становите. Огромен број на станови се држи надвор од пазарот вештачки, за да се задржи понудата ниска, а потрошувачката повисока, рече Мециновиќ.

Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски, потребен е системски пристап и системско решавање за решавање на овој проблем.

-  Ад хок мерки се на некој начин импровизација. Сакајќи да направиме една добра работа, ќе предизвикаме неколку други последици кои што ќе можат да донесат повеќе негативни аспекти. Министерството за образование и наука веќе размислува на ова тема. Се прават анализите и подготвителните работи. Ќе бидат преземени и други мерки во Владата. Верувам дека за некој извесен период ќе имаме предлог на законско решение кое што ќе биде системско, а тоа, за жал, не може да се направи преку ноќ, рече Јаревски. фф/бак/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан