• петок, 27 декември 2024
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Повторно блокирана работата на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади

Повторно блокирана работата на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади

Скопје, 19 декември 2024 (МИА) - Претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути денеска повторно ја прекина седницата откако пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ побара како прва точка на дневниот ред да биде Предлог на законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства - Законот за бранители. На комисијата требаше да се расправа за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување во второ читање.

На барањето на Тренчевска, претседателката на Комисијата Даути нагласи дека дека не може да го стави на гласање нејзиниот предлог бидејќи овој предлог-закон ги поминал сите законски рокови. И на крајот, Даути ја прекина денешната седница на Комисијата.

-Дебатата за овој закон е една дебата за која сме се објасниле сите страни. Не сакам да продолжуваме понатаму и да навлегувам во детали. Вие знаете дека вашиот предлог не ги исполнува условите по Деловникот на Собранието и не може да го прифатиме вашиот предлог. Вие добро знаете дека законите кои требале да поминат преку нашата Комисијата поминале преку други комисии. Не сум забележала дека вие таму одите да ја блокирате работата на комисиите или на пленарни седници кога поминуваат. Продолжувате да инсистирате да ја попречувате работата на оваа Комисија, иако и вие и јас, и сите ние знаеме дека тој Закон ги помина сите рокови кои се предвидени по Деловникот.  И Законот кој го предложив за дневен ред на денешната седница помина на пленарна седница, рече Даути

Таа побара да се овозможи работата на Комисијата без попречување. На ова се надоврза Тренчевска, која рече дека како пратеник според Деловникот на Собранието има право да предложи да се стави на дневен ред овој Предлог-закон.

-Повеќе пати укажав дека Законот се уште е во систем, а не е повлечен. А согласно член 131 од Деловникот за работа на Собранието, дневниот ред на седниците и работниот дел се утврдува на почетокот на седницата, како што и почнавте и во дневниот ред може да се внесат и прашања кои ги предложиле и пратениците, претседателот на Собранието или Владата. Согласно Деловникот имам право да го ставам на дневен ред овој Предлог на закон, а вие имате обврска овој мој предлог да го ставите на гласање, па ако помине да биде од дневниот ред, а ако не помине тогаш си продолжува со дневниот ред кој што вие го предложивте, рече Тренчевска.

Даути повтори дека барањето на Тренчевска е спротивно со Деловникот на Собранието.

-Вие продолжувате со истото инсистирање досега, и мене ми треба да продолжам со истото инсистирање како досега, не поради тоа што јас велам така туку поради тоа што така не обврзува Деловникот. Вашето барање е во спротивно со Деловникот на Собранието, јас немам можност да ставам ниту како предлог, бидејќи зборувате за еден закон кој не ги исполнува временските и другите критериуми. Ја прекинувам работата на оваа седница, рече Даути. фф/ев/

Фото: МИА

Остани поврзан