• сабота, 23 ноември 2024

Предлог-законот за амнестија за ДУИ има хумана димензија, а за албанската опозиција е политичко профитирање пред избори

Предлог-законот за амнестија за ДУИ има хумана димензија, а за албанската опозиција е политичко профитирање пред избори

Скопје, 2 октомври 2023 (МИА) - Предлог-законот за амнестија за Демократската унија за интеграција има хумана димензија, а за албанската опозиција - Демократското движење, Алтернатива и Движењето Беса - политичко профитирање пред избори.

Пратеникот на ДУИ, Арбер Адеми денеска на прес-конференција истакна дека ќе го поддржат Предлог-законот за амнестија и посочи дека  интенцијата на Министерството за правда е издржана.

-Ние го поддржуваме предлог-законот за амнестија. Мислиме дека интенцијата на Министерството за правда е издржана, да има похумани услови за сите кои се по затворите. Во оваа насока, мислам дека само ќе придонесеме за да се обезбедат услови кои што сме приморани како држава да ги обезбедиме. Сепак, има хумана димензија и аспект во сево ова. А за да нема шпекулации во јавноста, со овој закон не се амнестираат убијците, тие што злоупотребиле службена положба, сторители на тешки кривични дела, тие кои се гонат, гонеле кои уште се во постапка од Специјалното јавно обвинителство, рече Адеми.

Одговарајќи на новинарско прашање за најавата од ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ја напуштат работата на Собранието ако на овој предлог-закон се стави европско знаменце, Адеми потенцира дека тоа нема да биде во нивен интерес.

-Суштинското прашање е која е оправданоста да се блокираат сите закони? Бидејќи ова што се случува во овој мандат никогаш не сме го виделе. Нормалното функционирање на Собранието станало исклучок, а блокадите правило. Секој ден треба да поразговараме, да се убедуваме дали треба да помине некој предлог-закон или не. Ако помине ова, дај нека помине и овој. Што е ова? Пазарење? Е ова се случува во овој мандат, за жал. Ова никогаш не сте го виделе. Никогаш не сте виделе вакво однесување и ваков пристап кон храмот на демократијата – Собранието. Затоа, приморани сме државнички да размислиме и да поднесеме нов Деловник за работата на Собранието, кој ќе важи од следниот мандат. За овој срам што се случува во овој мандат, да не се повтори. Не може одредена политичка партија или еден поединец пратеник да ја блокира целата држава. Еден пратеник кој и да е, да ги блокира сите предлог-закони. Тоа воопшто не е оправдано. Сме се научиле за се да има блокади. Кога ќе преземеме нешто во интерес на граѓаните­? Кога ќе дозволи опозицијата? Мислам дека не оди во прилог на ниту една политичка партија да го блокира Собранието или пак да го напушти Собранието. Тоа нема да биде во нивен интерес, ако би се определиле за таква одлука, рече Адеми.

Фадил Зендели, пратеник на Движењето Беса, пак, во името на опозициските албански партии истакна дека овој предлог-закон е политичка пропаганда и политичко профитирање пред избори.

-Очигледно е дека Предлог-законот за амнестија е направен од политички интереси на одредени кругови во власта. Кажувам одредени кругови, затоа што се гледа дека и таму веќе не стојат сите зад овој предлог-закон, одредени политичари, пратеници и министри се спротивставуваат на предлог на законот. Предлог-законот се прави за политички цели, пред изборите. Се знае во какви околности се носат вакви закони и како луѓето кои се осудени со правосудни и судски одлуки како можат да се помилуваат, за тоа има институции, а таа надлежност ја има претседателот на државата. Не би сакала да давам конечен став додека да имаме конечна ситуација, конечен текст на предлог-законот за да можеме да одлучиме. Дека се работи за политичка пропаганда и политичко профитирање пред избори, тоа е несомнено, рече Зендели.фф/са/

Фото: МИА

Остани поврзан