• среда, 18 декември 2024

Предвремени парламентарни избори во Алжир

Предвремени парламентарни избори во Алжир
Алжир, 12 јуни 2021 (МИА) - Околу 24,4 милиони Алжирци денеска гласаат на предвремените парламентарни избори, а опозицијата повикува на бојкот. Претседателот на Алжир, Абделмаџид Тебун во февруари го распушти Парламентот, што беше избран во 2017 година со мандат од 2022 година. Парламентот беше избран за време на мандатот на Абделазиз Бутефлика, кој беше принуден да се повлече во 2019 година по неколкумесечни масовни улични протести против неговото 20-годишно владеење. Тебун, кој стапи на должност во декември 2019 година, изјави дека е потребна „суштинска промена“ за да се создадат институции во кои граѓаните ќе имаат целосна доверба. Алжирското протестно движење, познато како Хирак, го критикуваше Тебун дека е дел од режимот Бутефлика, и покрај фактот што тој беше сменет од премиерската функција по три месеци. Многу приврзаници на Хирак повикуваат на бојкот на изборите, додека водечките левичарски партии соопштија дека исто така ќе ги бојкотираат изборите бидејќи стравуваат од можна измама. Во меѓувреме, исламистите предводени од Движењето општество за мир и секуларните партии, некогаш лојални на Бутефлика, исто така се борат за места во Законодавниот дом, што има 407 пратенички места. Конечните резултати од денешните предвремени парламентарни избори ќе бидат објавени во текот на месецот. ми/

Остани поврзан