• недела, 24 ноември 2024

Предан: Словенечкото претседателство со ЕУ ќе стори се за да се реши прашањето меѓу Скопје и Софија, но не можеме да ветиме политички чуда

Предан: Словенечкото претседателство со ЕУ ќе стори се за да се реши прашањето меѓу Скопје и Софија, но не можеме да ветиме политички чуда
Скопје, 15 јули 2021 (МИА) – Словенечкото претседателство со ЕУ е многу мотивирано да го реши прашањето меѓу Северна Македонија и Бугарија. Веќе има интензивна комуникација помеѓу нашето претседателство со Софија, со Брисел и со други земји членки на ЕУ. Би сакале да добиеме што е можно поскоро јасна слика за одредени позиции и не би сакале да чекаме до декември, туку доколку е можно порано да го решиме ова прашање.  Ова денеска го изјави словенечкиот амбасадор во земјава Милан Предан, презентирајќи ги приоритетите на словенечкото претседателство со Европската Унија на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања во Собранието. За словенечкиот амбасадор потребна е политичка волја и прагматизам од двете страни. Тој нагласи дека не можат да ветат политички чуда, бидејќи, како што рече, во меѓународната политика тоа што можеме да го ветиме е напорна работа, тивка дипломатија. Предан најави дека една од поважните приоритети на претседавањето на Словенија ќе биде проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан. - Тоа ќе биде многу високо на нашата агенда. Нашиот главен настан на високо ниво што планираме да го направиме ќе биде Самитот ЕУ – Западен Балкан, на Брдо на 6 октомври и искрено се надеваме дека тогаш веќе ќе имаме, ако не одлука, барем една чиста перспектива, односно чисто гледиште како прашањето меѓу Софија и Скопје може да се реши, истакна Предан. Амбасадорот посочи дека Словенија, по обидите на двете претходни претседателства, на Германија и на Португалија, ќе направи трет обид да се реши прашањето меѓу Скопје и Софија, согледувајќи ја политичката ситуација во соседството, и изразувајќи надеж дека Софија набрзо ќе формира нова Влада. - Во овој момент не можам да навлезам подетално. Свесни сме за вашите црвени линии, треба да видиме со нашите пријатели од Бугарија каде тие, односно како ние можеме да ги акомодираме нивните барања. Ние сега како претседателство мора да покажеме одредена неутралност. Клучното прашање не е кој е во право во овој спор, туку како да дојдеме до решение кое што двете страни ќе го презентираат пред својата јавност и да добијат некој генерален договор. Тоа е решението, оцени Предан. Според него, предлогот на португалското претседателство, којшто веќе е предлог на Претседателството, е добар балансиран предлог што се грижи за двете страни и оти во решавање на ова прашање добрата страна е што не се почнува од нула. -Разбираме дека овој предлог беше направен со цел да се добие зелено светло за почнување преговорите во јуни, но мислам дека овој документ би можел да биде основа за изнаоѓање на можно и разумно решение. Ни треба политичка волја и прагматизам од двете страни. Како што реков, веќе работиме на тоа. Не можеме да ветиме, веќе реков, не можеме да ветиме политички чуда затоа што во меѓународната политика тоа што можеме да го ветиме е напорна работа, тивка дипломатија, дециден е тој. Словенечкиот амбасадор подвлече дека доколку успеат да го одблокираат овој процес, тоа ќе биде позитивен сигнал за целиот регион. -Исто така, се потпираме на двете страни дека тие ќе ги потиснат своите емоции затоа што ни треба одредено ниво на заедничка доверба за да стигнеме до договор, и во тој случај мислам дека со сите овие документи што се подготвени можеби има шанса тоа да се постигне, да дојдеме, да стигнеме до решение до Самитот во Брдо на ЕУ и Западен Балкан. Дури за мојата земја Словенија, знаеме дека имаме 30 години одлични односи, мислам дека свесни сме дека ќе имаме политички капитал за следните 20 години. Тоа е уште една мотивација за нас знаејќи дека не се работи само за Северна Македонија, туку се работи за целиот регион, рече Предан. Тој е оптимист дека би можел да се постигне некој договор и во заедничката Комисија за историски прашања. - Мислам дека дебатата ќе се смири меѓу двете земји и дека ќе се постигне некој договор, дури и во рамките на историската комисија ќе биде направен напредок и нашата стратегија е дека мораме да дојдеме до решение при што сите овие прашања на идентитетот, јазикот мора да бидат ставени на страна, а процесот на интеграција да се придвижи и ќе има доволно можности за време на процесот на преговори да се решат дел од овие прашања. Знаете дека ЕУ мисли дека не треба да се вклучуваат билатералните прашања во процесот на интеграција и на тоа ќе мора да работиме, како да акомодираме одредени барања на соседните земји, рече Предан. Тој на крајот додаде дека за имплементација на Добрососедскиот договор веќе има некои идеи на маса, без да навлезе во детали, оставајќи го тоа, како што рече, на тивката дипломатија. - Знам дека сте уморни од ветувања и не сакаме да направиме следниве шест месеци да бидат повторно ветувања коишто нема да можеме да ги исполниме. Тоа е тоа што имав јас да го кажам од моја страна, заклучи словенечкиот амбасадор. Евроамбасадорот Дејвид Гир истакна дека го разбира разочарувањето на граѓаните во изминатите месеци, поради неотворањето на преговорите за членство. - Ние ве поддржуваме и ве охрабруваме. Европската Унија е тука за Северна Македонија, беше и за време на пандемијата и ќе продолжи да пружа помош на сите можни начини, и на економски и на инвестициски аспект, рече Гир. Евроамбасадорот истакна дека ги поздравуваат сите напори на претходните претседателства во однос на отворањето на преговорите и притоа ќе ја поддржат и Словенија, за што побрзо да се дојде до одлуката. - Европската перспектива за Северна Македонија не е доведена во прашање. Сите лидери на земјите-членки на ЕУ и сите институции на Унијата потврдуваат дека нема друга алтернатива за С Македонија од влезот во Европската Унија. Сите заедно треба да работиме за да ги решаваме отворените прашања и да ги почнеме преговорите што е можно поскоро. Секој чекор во имплементација на реформите поврзани со ЕУ е еден чекор поблизу до Унијата. Реформите не се само за ЕУ туку се во интерес и на граѓаните, рече Гир. Шефот на дипломатијата Бујар Османи истакна дека преземањето на водството со Советот на ЕУ, од страна на Словенија доаѓа во многу важно време за самата ЕУ која продолжува да се соочува со бројни предизвици, меѓу кои и застојот на политиката на проширувањето и на потребата за реафирмација на европската перспективата за земјите од регионот на Западен Балкан. Османи посочи дека Словенија како непосреден сосед на регионот, не само што го познава, туку има и сопствен интерес и искрено сака да му помогне на регионот. - Она што беше силен политички ангажман од страна на Германија, прерасна во португалски предлог за надминување на разликите, кој сега се смета за предлог на претседателството со кое раководи Словенија. И во овие комплексни политички односи, тоа може да се нарече и една мала политичка придобивка: да обезбедиме константа во рамките на Претседателството со ЕУ, која ќе го држи нашето европско досие високо на Агендата на ЕУ, секако со фокус кон отстранувањето на блокадата од страна на Бугарија. Тоа претставува и важна порака дека Унијата не кренала раце ниту од земјава, ниту од регионот, туку активно партиципира во разрешувањето на предизвиците во овие земји, додаде Османи. Тој нагласи дека во периодот кој е пред нас, ќе продолжиме да продуцираме резултати од реформите со ЕУ предзнак кои се во полза на нашите граѓани како и да вложуваме во добрососедските односи бидејќи на крајот единствена непроменлива константа е географијата и таа не може да ја промениме. Посочи дека Северна Македонија се наоѓа во стомакот на Европа и како регион сме опкружени од сите страни со земји членки на ЕУ.  -Само со мал поглед на мапата на Европа, станува логично и јасно дека регионот навистина преставува делот што недостасува за обединување на континентот. Тоа неминовно ќе се случи, порано или подоцна, рече Османи, изразувајќи надеж дека ќе се скрати непотребното одложување што е од заеднички интерес. Државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања Калинка Габер истакна дека за земја која предолго се наоѓа во чекалницата на ЕУ особено е важно да се надмине сегашниот застој во пристапниот процес преку операционализација на одлуката на Советот од март 2020 година. -Ова не го кажувам заради тоа што без преговори ние би се откажале од реформите за европеизација на земјата, напротив остануваме целосно посветени да продолжиме по патот што го имаме зацртано. Сепак, формалното отпочнување на преговорите ќе го даде потребниот импулс за забрзување на процесот, динамика која ја овозможува и новата методологија за пристапни преговори, истакна Габер. Подвлече дека колку што е ова важно за нас, исто така е важно и за регионот и за Унијата и оти преку примерот на С Македонија се тестира и кредибилитетот, заложните и искреноста на Унијата да остане посветена на една од нејзините најуспешни политики. Словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, коешто почна од 1 јули, се базира врз четири приоритети - отпорност, опоравување и стратешка автономија на ЕУ; Конференција за иднината на Европа; eвропски начин на живот, владеење на правото  и еднакви критериуми за сите; кредибилна и сигурна ЕУ, способна да обезбеди безбедност и стабилност во нејзиното соседство. нд/ац/      

Остани поврзан