• среда, 19 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Преговорите меѓу САД и Украина во Џеда водечка тема во светскиот печат

Преговорите меѓу САД и Украина во Џеда водечка тема во светскиот печат

Њујорк, 12 март 2025 (МИА) - Вчерашната средба во Џеда меѓу делегациите на САД и Украина, посветена на завршување на војната и која доведе до обновување на американската воена и разузнавачка поддршка за Киев, е водечка тема во светскиот печат.

„Украина го поддржува 30-дневниот прекин на огнот, САД велат дека ќе ја обноват воената помош“, се вели во насловот на американскиот весник „Њујорк тајмс“.

Договорот објавен вчера даде нов поттик на напорите за прекин на огнот, при што топката за секое примирје сега е на теренот на Русија, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио.

Во пресрет на преговорите, првиот американски дипломат додаде дека Киев ќе мора да и отстапи некои територии на Русија како дел од мировниот договор, потсетува британскиот весник „Фајненшл тајмс“.

„Русите не можат да ја преземат цела Украина, и очигледно ќе биде многу тешко за Украина во разумен временски период да ги принудат Русите да се вратат таму каде што беа во 2014 година“, рече Рубио, мислејќи на границите на Украина пред анексијата на Крим од Кремљ таа година.

„Дали Путин ќе го прифати 30-дневниот прекин на огнот одобрен од Зеленски“, прашува францускиот весник „Миди либр“ во својот наслов. Сите очи се вперени во Москва, нагласува изданието.

„Дали Украина одговори на блефот на Путин“, прашува британскиот весник „Спектатор“, објавувајќи ја статијата на Марк Галеоти, шеф на консултантската компанија „Мајак интелиџенс“ и почесен професор на Катедрата за славистика и источноевропски студии на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

- Тоа секако изгледа така, смета експертот.

- Се додека Украинците одбиваат да се согласат на прекин на огнот, Москва може да ги претставува како пречка за брзиот договор што се чини дека го бара Доналд Трамп. Претходно, по интервенцијата на францускиот претседател Емануел Макрон, Киев ја изрази идејата за ограничен прекин на огнот, кој ќе ги опфати само нападите со беспилотни летала со долг дострел против градовите и стратешката инфраструктура на другата страна, како и операциите во Црното Море, потсетува Галеоти.

Но, тоа беше невозможна идеја која беше премногу проѕирна замка за Путин, надевајќи се дека ќе го направи да изгледа како непомирлива земја доколку ја одбие, додаде тој.

- Се чини дека ова беше планот на Киев од синоќа, кога беше извршен невиден напад врз Москва со околу 140 дронови, при што загинаа тројца цивили. Времето не беше случајно, забележува Галеоти.

„Путин не сака ниту прекин на огнот, ниту пак американското оружје и разузнавањето да оди во Киев“, смета и британскиот весник „Дејли Телеграф“.

„Подгответе се за ново ниво на замајување“, предупредува изданието. Според него, на видливо ниво, исходот од преговорите во Џеда може да изгледа како извонреден пресврт во позицијата на Америка. Но, под површината, вистината е покомплицирана, забележува „Дејли Телеграф“.

„И покрај сета врева, се чини дека Вашингтон го следи планот објавен минатата година од генералот Кит Келог, сега пратеник на Трамп во Украина. Тоа грубо може да се сумира на следниов начин: притискајте ги Украинците додека не се согласат на прекин на огнот и мировни преговори, а потоа свртете им го грбот на Русите додека не возвратат. Но, што ако Русија не возврати. Витално прашање е: како Америка ќе реагира ако Владимир Путин едноставно го одбие предлогот на Џеда, нагласува весникот „Дејли Телеграф“.

И рускиот претседател ќе биде крајно неволно да прифати прекин на огнот исто како што неговите сили конечно напредуваат против украинското упориште во руската област Курск, забележува весникот.

Путин би претпочитал прекинот на огнот да биде последниот чекор, кога се друго е решено, бидејќи тоа ќе им овозможи на Русите да одржуваат воен притисок за да ги притиснат отстапките од Украина за време на можните преговори, наведува изданието.

Но, сега Рубио сака тие да го сторат токму спротивното - да ги прекинат борбите во време кога Украина се уште контролира околу 100 квадратни километри руска територија, која може да ја користи како средство за пазарење за некои од нејзините земји, истакнува „Дејли Телеграф“.

Доколку Русија го отфрли овој предлог, САД имаат еден очигледен чекор и тој е вклучен во планот Келог: да се зголеми притисокот со зголемување на воената помош за Украина, потсетува британското издание.

Од друга страна, малку е веројатно дека Трамп ќе побара од американскиот Конгрес да одобри воена помош слична на онаа што тој самиот јавно ја исмеваше, смета весникот.

Можеби е поверојатно дека Русија ќе се преправа дека ја прифаќа понудата на Џеда и ќе стори доволно за да ја спречи Америка да ја обнови својата поддршка за Украина, а во исто време да го прекрши примирјето и да најде начин да го обвини Зеленски за тоа, резимира „Дејли Телеграф“.

Главната предност на Путин е што Трамп и неговите соработници се очигледно под влијание на руските пораки и тврдења. Но, нема сомнеж дека вештата украинска дипломатија одеднаш го сврте центарот на вниманието на Путин и го ставија пред тешка одлука, нагласува весникот „Телеграф“. паг/

Остани поврзан