• среда, 18 декември 2024

Преговорите за членство во ЕУ се сериозен процес кој не трпи импровизации и сите треба да придонесат

Преговорите за членство во ЕУ се сериозен процес кој не трпи импровизации и сите треба да придонесат
Скопје, 15 октомври 2022 (МИА) - Преговорите за членство во ЕУ ќе траат со години и сите треба да дадеме свој придонес, од Собранието кое има централно место во носењето на европското законодавство, преку Владата, Претседателот, локалната самоуправа, експертите од граѓанскиот сектор до медиумите. Ова е сериозен процес кој не трпи импровизации, порачаа од државниот врв за најновиот Извештај на ЕК за земјата, прв по отпочнувањето на преговорите. Претседателот на државата Стево Пендаровски смета дека најновиот извештај на ЕК за напредокот на државата, доаѓа во време на растечки евроскептицизам меѓу македонските граѓани поради забавените евроинтеграции, а преговорите се можност за намалување на тој евроскептицизам преку враќањето на Европската Унија на голема врата кај нас и во регионот. -Тоа може да се постигне само преку поголема видливост на Унијата со своите механизми, иницијативи, критики и структурни фондови. Граѓаните треба да ја чувствуваат Унијата, не како далечно, безлично бирократско тело, туку, како нивен сојузник во напорите за подобар живот, тука, во Северна Македонија, порача вчера Пендаровски на настанот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!”. Преговорите за членство, смета шефот на државата, ќе бидат стабилизирачки фактор не само за нашата држава, туку и позитивен сигнал за целиот регион. За нивното продолжување ќе биде неопходен државен консензус за уставните измени и во тој потфат, вели, треба да влеземе плански и без брзање. Овој процес, според Пендаровски, треба да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација. – Во преговорите ќе ни стане јасно дека интеграциите не се само добрососедските односи, туку станува збор за еден колосален потфат за трансформација на државата и општеството што ќе бара трпение од сите нас, но и откажувања во многу области од нашето живеење особено на оние кои се денес привилегирани по разни основи. Крајната цел е изградба на функционална правна држава со ефикасен судски систем, нагласи Пендаровски, порачувајќи дека преговорите за членство ќе траат со години и дека од сите нас ќе се бара напуштање на старите навики и испорачување на резултати. Во таа смисла, рече Пендаровски, сите треба да дадеме свој придонес, од Собранието кое има централно место во носењето на европското законодавство, преку Владата, претседателот, локалната самоуправа, експертите од граѓанскиот сектор до медиумите. – Ова е сериозен процес кој не трпи импровизации. Секој наш чекор, освен Брисел, ќе го следи и најдобриот судија – македонската јавност. Секоја злоупотреба на овој процес за теснопартиски или лични интереси ќе значи губење на скапоцено време, кое го немаме, но, што е уште поважно, ќе значи дополнително губење на и така ниската доверба на граѓаните во државните институции. А, држава во која граѓаните немаат доверба сигурно не е држава во која тие ќе сакаат да живеат, порача Пендаровски. Премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање на настанот посветен на Извештајот на ЕК: „На Европскиот пат: нови реформи, нови можности” истакна дека Извештајот за нас е јасна верификација дека сме на добар пат и уште појасна насока каде треба да чекориме. -Има многу работи коишто треба да ги поправиме. Не е доволно само да се направи закон, да се изгласа закон, туку тој закон треба да се спроведе. Затоа ги повикувам сите институции, особено институциите коишто се во делот на владеењето на правото, што се во делот на борбата и справувањето со криминалот и корупцијата да ги засукаат ракавите и со забрзано темпо да работат на спроведување на се она што е нотирано во Извештајот, рече Ковачевски. Овој Извештај, како ниту еден до сега, нагласи тој, праќа и многу јасни пораки. Првата дека во државата постојат два концепти - едниот на чие чело е тој и во кој македонските граѓани, со крената глава, со дигнитет треба да чекорат кон ЕУ и да седат на големата маса во Брисел и вториот што е нотиран во овој Извештај - концептот на блокади, на седење на мала изолирана маса. – Еден концепт на чие чело сум јас, што предлага реформски закони, што предлага мерки за заштита на стандардот на граѓаните, што деноноќно работи на обезбедување на енергија, топлинска енергија, ресурси за производство на енергија. Втор концепт, со тоа што ги блокира две години сите закони во Собранието. Ако можам да го разберам еден дел од таа опозиција која што цел ден е на телефон со Русија, вториот дел не можам да го разберам. И затоа ги повикувам сите во Собранието, да се обединиме заради иднината на оваа држава. Затоа што од нас што сме во пратеничките клупи, што сме во канцелариите во Владата, зависи колку брзо ќе се спроведат реформите, истакна Ковачевски. Тој изрази уверување дека до 2030 година нашата држава може да стане членка на ЕУ, бидејќи досега 45 проценти од нашето законодавство е усогласено со европското и повика на обединување со цел до 2030 година да ја видиме Северна Македонија како рамноправна членка на ЕУ.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во рамки на истиот настан потенцира дека во најновиот Извештај на ЕК генералното ниво на оценки за земјава е еднакво или подобро од минатата година, а најтешкиот кластер Фундаментални вредности (Темели) кој прв се отвора и последен се затвора, е важен поради можноста да влијае врз напредокот во преговорите на сите други кластери. Северна Македонија, вели тој, генерално стои најдобро во однос на другите држави од регионот со средна оценка 3, наспроти Црна Гора која има оценка 2,9 и Србија со 2,6 кои преговараат веќе десет години.
Тој нагласи дека вкупната оценка за земјата е добро ниво на подготвеност, а она што радува посебно е дека нема забележано назадување во клучните области што покажува стабилен континуитет во реформите, кои е потребно да ги забрзаме за да ја подигнеме оценката.
-Имаме три патокази кои се многу важни кои врз основа на овој Извештај и врз основа на скринингот ќе треба да ги направиме до крајот на првиот квартал на идната година,. Тоа се патоказот за владеење на правото, патоказот за реформи во јавна администрација и патоказот за функционирање на демократските институции. Ова се нови инструменти од кои првите два се направени на ниво на репери или неопходни услови за нивно усвојување пред отварањето на преговорите во делот на кластерот Темели, нагласи Маричиќ.
Во делот на демократските институции тој меѓу другото кажа дека построга е оценката во делот на Собранието, и е предмет на остра критика поради активната блокада на опозицијата, одлични оценки има за локалните избори со препорака за ревизија на изборното законодавство, за пописот, за заклучувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, а во делот на јавните набавки се констатира потреба за модернизација на системот.
-Имаме неколку крупни работи кои што сме ги направиле минатата година и затоа имаме добри оценки и можеме и да се пофалиме. Меѓутоа она што останува битно се два аспекти – Собранието и подобрување на неговата функционалност и тука е потребен напор од сите, а пред се, оние што имаат како политичка стартегија блокада на Парламентот и второ продолжение на реформите во правосудството. Имаме сериозни кадровски поместувања, треба да се комплетира составот на Уставен суд, како и составите на Судски совет и Совет на јавни обвинители, наскоро ќе треба да се бира и нов обвинител за организиран криминал и корупција. Таа слика до наредната година ќе треба да биде таква да добиеме позитивен извештај и стабилни судски институции за да може да се бори активно со корупцијата и криминалот, подвлече Маричиќ.
Во контекст на дебатата за борбата против корупцијата, Маричиќ рече дека тоа е прашање кое е хоризонтално присутно низ сите поглавја, а само ќе јакне улогата на Анитокорупциската комисија и ќе продолжи да се зајакнуваат нејзините капацитети нагласувајќи дека изминатите пет години удвоен е бројот на вработени, добиени се нови простории и опрема преку ИПА-проекти.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи е задоволен што светла точка на годинашниот Извештај е надворешната политика.
-Надворешната политика е единственото поглавје коешто доби највисока оценка и за напредокот во текот на годината, односно многу добар напредок единствен, но и во вкупната  кумулативна подготвеност доби оценка добра подготвеност. Всушност круна на овој извештај е надворешната политика и тоа поради две основни причини – интензивните напори за историскиот момент почнување на преговори и второ, усогласување на надворешната и безбедносна политика со таа на ЕУ  на ниво на 100 проценти за првпат во нашата историја. Ова не само што е препознавање на работата што ја направивме како МНР и како Влада во целина, меѓутоа е и обврска да продолжиме понатаму, бидејќи повеќе од ова во следниот Извештај не знам што можеме да добиеме, но треба да го задржиме резултатот, истакна Османи.
Во изјава за медиумите тој подвлече дека сега е време за поблиска соработка меѓу политичките партии, посочувајќи на уставните измени во контекст на преговорите со ЕУ. Смета дека лидерите на политичките партии треба да се сретнат и да си подадат рака, темата за ЕУ да не биде дневно политичко прашање, а одговорноста и заслугите, да бидат заеднички. -Темата за преговорите со ЕУ треба да биде настрана од дневната политика. Ние мора тоа да го направиме, или на лидерска средба или во некаков друг формат да си подадеме рака едни на други, дека за сите теми ќе продолжиме да се натпреваруваме, дека за оваа тема мора да постигнеме консензус доколку сакаме да станеме членка на ЕУ. И нема друг начин, вели Османи посочувајќи на примерот со Хрватска.
Според чешкиот амбасадор во земјава Јарослав Лудва, чија земја е актуелен претседавач со Унијата, реформите се во основата на овој процес и ако не ги спроведеме, не можеме да одиме напред на патот кон ЕУ. Тој нагласи дека земјава има суштинска потреба да продолжи со реформите. Вели дека тука има два важни елемента - еден од нив се реформите, а другиот е конструктивниот политички дијалог. Според Лудва, Северна Македонија досега добро напредува со реформите, но мора да го одржи тој чекор. -Како што ќе напредувате на патот кон ЕУ, така е потешко да имате натамошни блокади кон тој пат. Затоа е потребно пообрување на добрососедските односи, кои започнуваат од долу нагоре, од соработката меѓу невладиниот сектор, оцени тој. Лудва најави дека како Амбасада ќе организираат неколку конференции за Северна Македонија и добрососедските односи, особено за подобрување на дијалогот со Бугарија, заедно со чешката Амбасада во Софија.
За заменик министерот за финансии Филип Николоски во делот на финансиите во Извештајот е посебно нагласено значењето на донесувањето на Законот за буџети со којшто се донесени битни новини усоглаени со Директивите за буџетска рамка на ЕУ. Прашан во делот на финансирање на фискалните дефицити, односно управувањето со долгот, Николоски нагласи дека државата има донесено фискална стратегија за висината на долгот со која се предвидува постепено намалување на буџетскиот дефициот од 5,3 отсто предвиден со ребалансот оваа година на 2,8 проценти во 2027 година што е согласно Мастришките критериуми.
-Оваа недела се покажа дека Владата води здрави финансики политики бидејќи ММФ даде зелено светло за ПЛЛ аранжам со кој ќе можеме да повлекуваме средства со многу пониски камати од реалната цена на капиталот на светските пазари. Пред десетина дена тоа го потвдија и Дојче банк каде земавме еден вид обврзница со двојно пониски камати од реалната цена на пазарот. Со тоа покажуваме дека внимаваме во делот на дефицитот и на начинот на задолжување. Дефицитот за оваа година комплетно е финансиран и е потврден со цена која не е повисока од 4 процентни поени што е двојно помалку кога сега би издале еврообврзница која би чинела над 8 – 8,5 проценти. Таа разлика прави заштеда од над 25 милиони евра годишно. Треба да се внимава и на расходната страна и треба рационално да се користат средствата од буџетските корисници. Со планот на Владата за консолидација за фискална одржливост ќе настојуваме сите почнувајќи од Влдата и сите во јавниот сектор да е намалат трошоците, а да се задржи ефективноста односно степенот на работа, вели Николоски.
Со презентациите на Европската комисија за поглавјето 28 – Заштита на потрошувачите и јавното здравје, вчера во Брисел заврши објаснувачкиот скрининг за Кластер 2 – Внатрешен пазар, кое, како што информираат од Секретаријатот за европски прашања, претставува едно од најсложените и најпредизвикувачките прашања во процесот на интеграција. вг/aa/

Остани поврзан