• среда, 27 ноември 2024

Преговорите за новото владино мнозинство во завршна фаза

Преговорите за новото владино мнозинство во завршна фаза

Скопје, 8 февруари 2023 (МИА) - Пред објавување на конечниот договор околу проширувањето на владиното мнозинство, лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски ќе одржи средба со претставници на сегашните коалициски партнери на која ќе ги информира што е договорено за влез на Алијансата за Албанците во Владата, дознава МИА од партиски извори.

Премиерот Ковачевски на средбата со лидерот на Алтернатива Африм Гаши се очекува да го информира за текот на преговорите со Алијансата за Албанците за влез во Владата, како и за понудата за останување на партијата во владиното мнозинство.

Министерот за здравство и потпретседател на Алтернатива, Беким Сали денеска изјави дека партијата се уште нема добиено „конкретен предлог на маса“ за нејзините позиции во идната влада, додавајќи дека немаат информација за тоа што би добила на Алијансата за Албанците за приклучување кон парламентарното мнозинство, па затоа и не може да коментира кои се позициите на Алтернатива.

По средбата со актуелните коалициски партнери премиерот Ковачевски треба да има средба и со лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, со цел конечно да се прецизираат ресорите со кои ќе раководи партијата како нов владин партнер.

Според извори од Алијансата за Албанците конечниот договор за приклучување на партијата кон парламентарното мнозинство би требало да финализиран најдоцна до утре, бидејќи од петок Таравари заминува на службено патување.

Премиерот Ковачевски вчера изјави дека изминатите денови е постигнат „добар прогрес“ во преговорите со Алијансата за Албанците во делот на програмските определби и кадровското екипирање.

- Разговорите се водат во навистина добар дух и во атмосфера на постигнување на договор со цел државата да има мнозинство во Парламентот што има единствен став во однос на интеграцијата на државата во Европската унија и придржување кон сите меѓународни норми за кои што веќе сме пример во регионот, истакна Ковачевски, потенцирајќи дека целта на разговорите е проширување на европскиот капацитет на владината коалиција.

Според него, генерално во разговорите со Алијансата за Албанците немало проблем околу распределба на раководните места во институциите, туку се разговара за преземање на одговорност во рамки на кадровскиот потенцијал на секој коалициски партнер и во делот на учество во владиното мнозинство.

Во однос на коалициската соработка со Алтернатива, Ковачевски истакна дека оваа партија е значен партнер на Владата за која имам исклучително високо мислење, како и за сите владини партнери.

- Во текот на денешниот и на утрешниот ден ќе имаме преговори со Алтернатива. Се надевам дека ќе може да се постигне позитивен исход од тие разговори, со цел сите заедно да може да продолжиме со градење на коалиција што се залага за европска Македонија и ќе обезбеди влез на Северна Македонија во Европската унија до 2030 година, порача Ковачевски.

Лидерот на Алијансата за Албанците, Таравари вчера изјави дека преговорите за влез на неговата партија во владината коалиција се при крај и најверојатно ќе завршат до денеска, нагласувајќи дека повеќето прашања се затворени и дека се договорени „поголемиот дел од работите“.

Околу распределбата на министерските ресори и директорските места, Таравари рече дека за тоа се уште разговара и затоа не би било коректно да зборува за ова прашање додека се уште се водат меѓупартиски консултации на владините коалициски партнери. 

На почетокот на февруари извори од Алијанса за Албанците за МИА информираа дека партијата е заинтересира при евентуален влез во Владата да ги добие министерствата за правда и за здравство. сп/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан