• сабота, 16 ноември 2024

Преговорите за иранскиот нуклеарен договор ќе продолжат на 29 ноември во Виена

Преговорите за иранскиот нуклеарен договор ќе продолжат на 29 ноември во Виена
Брисел, 3 ноември 2021 (МИА) – Преговорите за спас на иранскиот нуклеарен договор со светските сили ќе продолжат на 29 ноември во Виена, соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС). Состанокот на мешовитата комисија ќе се одржи во физички формат на 29 ноември во Виена, се наведува во соопштението. Со заедничката комисија во име на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, ќе претседава заменик генералниот секретар на ЕЕАС и политички директор Енрике Мора. На состанокот ќе присуствуваат претставници на Кина, Франција, Германија, Русија, САД и Иран. Учесниците ќе продолжат со дискусиите за изгледите за можното враќање на САД во договорот и како да се обезбеди дека сите страни да спроведат целосна и ефективна примена на договорот. Преговорите за можно спасување на договорот потпишан со светските сили во 2015 година се во застој од јуни. Во 2018 година, поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот и воведе санкции кон Иран, додека Иран, како одговор, почна да ги занемарува своите обврски од договорот. Американскиот Стејт департмент ја поздрави најавата за продолжување на преговорите и потврди дека во нив ќе учествува американскиот претставник за Иран, Роб Мали. Стејт департментот соопшти дека компромисот за спасување на договорот е можен брзо со продолжување на преговорите, под услов Иран да биде „сериозен“ во своите намери. јт/

Остани поврзан