• четврток, 26 декември 2024

Преглед на настани за руско-украинската војна до 19 часот

Преглед на настани за руско-украинската војна до 19 часот
Киев, 28 февруари 2022 (МИА) - Кус преглед на најбитните настани од денешниот ден од војната во Украина до 19 часот.  – Делегациите на Русија и Украина се враќаат во своите главни градови на консултации, откако денеска беше одржан прв круг од преговорите за прекин на конфликтот. Москва и Киев планираат „втор круг“ разговори за конфликтот, тоа го потврди за западните медиуми, член на украинската делегација. Шефот на руската делегација во преговорите Владимир Медински изјави дека двете страни договориле разговорите да продолжат и втората рунда да биде одржана во следните денови на полско-белоруската граница. - Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе биде домаќин на онлајн разговори со сојузниците и партнерите во врска со руско-украинскиот конфликт. САД соопштија дека рускиот претседател ја ескалира војната со „опасна реторика“. Прес секретарот на Белата куќа Џен Псаки рече дека Путин покажал модел на „произведени закани“ кои не постојат со цел да се оправда понатамошната агресија. - Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на својот француски колега Емануел Макрон дека демилитаризацијата на Украина и западното признавање на рускиот суверенитет над полуостровот Крим се предуслов за прекин на борбите во Украина, соопшти Кремљ. - Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека потпишал официјално барање Украина да се приклучи на Европската унија. Зеленски побара од Европската унија да и дозволи на Украина веднаш да добие членство по посебна процедура, во момент кога државата се брани од инвазија на руските сили. - Генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш, на денешната вонредната седница на Генералното собрание посветена на Украина, нагласи дека идејата за нуклеарен конфликт е „едноставно незамислива“. Според Гутереш тоа е „застрашувачки развој на ситуацијата“. – Првиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел ги предупреди граѓаните дека санкциите на ЕУ против Русија ќе предизвикаат зголемување на цените, но дека мора тоа да се прифати во име на Украина, јави дописничката на МИА од Брисел. - Рускиот претседател Владимир Путин им забрани на жителите да префрлаат пари во странство, како дел од мерките за поддршка на рубљата, чија вредност драстично падна како резултат на санкциите на Западот поради руската инвазија врз Украина. - Руската централна банка ги зголеми каматните стапки на 20 отсто од 9,5 отсто, откако рубљата падна за 40 отсто поради санкциите од Западот. - Владата на Велика Британија објави низа мерки „за забрана на физички или правни лица во Британија да преземаат финансиски трансакции во кои се вклучени руската Централна банка, рускиот Национален фонд за богатство и Министерството за финансии на таа земја“. - Санкциите на Европската унија против руската Централна банка утринава стапија на сила откако беа објавени во официјалниот Службен весник на ЕУ а Швајцарија исто така соопшти дека „е многу веројатно“ дека наскоро ќе ги замрзне руските средства во своите банки. -Санкциите вклучуваат забрана за трансакции со руска финансиска институција, изјави шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. - Жителите во Мариупол утринава изјавија дека пристанишниот град на Азовското Море е опколен од руските сили и под силен напад. - Амнести интернешенел ја осуди пријавената руска употреба на касетна муниција во Украина, велејќи дека нападот врз предучилишна установа „може да претставува воено злосторство“. - Руските сили зазедоа два мали града во југоисточна Украина и областа околу нуклеарната централа, објави денеска новинската агенција Интерфакс. Би-Би-Си информира дека силите наишле на силен отпор на други места, додека во меѓувреме се продлабочува дипломатската и економска изолација на Москва. - САД го засили протокот на оружје во Украина, објавувајќи дека ќе испратат ракети Стингер како дел од пакетот одобрен од Белата куќа. - Најмалку 102 цивили во Украина се убиени откако Русија ја започна својата инвазија минатиот четврток, со уште 304 повредени, но се стравува дека вистинската бројка е „значително поголема“, изјави во понеделникот шефицата на ОН за човекови права Мишел Башелет. - Денеска рано наутро се слушнале експлозии во Киев и во Харков, соопшти украинската државна служба за специјални комуникации. Во меѓувреме, на околу 150 километри североисточно од Киев во Чернихив, проектил, наводно, погодил станбена зграда во центарот на градот, предизвикувајќи пожар, додава агенцијата. - Главниот град на Украина е целосно под контрола на украинските војници, а сите информации за наводна целосна опколеност на градот од руски сили се лажни, изјави Михаило Подољак, советник на укрианскиот претседател. - Околу 800 луѓе се приведени за време на вчерашниот референдум за новиот устав, со кој земјата се откажува од својот ненуклеарен статус. Референдумот предизвика најголеми протести во изминатите неколку месеци. Новиот устав овозможува нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, а според официјалните податоци за него гласале 65 отсто од граѓаните. ссм/паг/  

Остани поврзан