• четврток, 26 декември 2024

Превентивни активности на СВР Тетово за ловната сезона

Превентивни активности на СВР Тетово за ловната сезона
Тетово, 2 септември 2022 (МИА) - Службеници на тетовската полиција од денеска почнаа со одржување средби со претставници на ловечките друштва од полошкиот регион околу потребата од доследно почитување на законските одредби поврзани со ловот на дивечот. -Секторот за внатрешни работи Тетово почна со првата од десетината планирани средби со ловечките друштва од поширокиот Полошки регион. Полициски службеници на Отсекот за превенција го посетија Ловечкото друштво „Шар Планина“ во Тетово и разговараа со неговите претставници околу новата ловечка сезона, која порано од вообичаено започна на први овој месец. Во разговорите посебно им беше укажано на потребата членовите на ова Друштво целосно да ги почитуваат одредбите на Законот за лов и Законот за оружје, а кои посебно се однесуваат на начинот на ловење, ракување и чување на ловечкото оружје, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски. Според него, претставниците на „Шар Планина“, пак, како приоритетен проблем за решавање пред полициските службеници на СВР Тетово го посочиле излегувањето на лов на поединци без соодветна ловечка дозвола или со наследено оружје од нивни најблиски без да поседуваат дозвола. -На средбата, исто така, станало збор и за конкретните законски импликации доколку во наредниот период не се почитува важечката регулатива од 350-те членови на ова Друштво, на петте ловишта во негова надлежност, истакна портпаролот. Вакви средби до средината на месецот ќе се одржат и со другите друштва на тетовско-гостиварското подрачје. ас/мч/

Остани поврзан