• сабота, 28 декември 2024

Превентивна акција на СВР – Охрид „Вози одговорно - почитувај ги сообрачајните правила“

Превентивна акција на СВР – Охрид „Вози одговорно - почитувај ги сообрачајните правила“

Охрид, 28 октомври 2024 (МИА) – „Вози одговорно - почитувај ги сообраќајните правила“ е насловот на превентивната акција што викендот Секторот за внатрешни работи од Охрид ја спроведе во руралните делови на општината, во охридските села Орман, Долно и Горно Лакочереј, како и на повеќе улици кои гравитираат кон тие населени места.

Активностите се спроведуваат по претходни согледувања на полициските службеници дека на улицата „Радојца Новичиќ“ и низ другите улици во посочените делови на градот и приградските населени места зголемен е интензитетот на сообраќај, со нагласено учество на трактори со тракторски приколки и други работни приклучни мобилни машини.

Притоа службеници од Отсекот за превенција и Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај на возачите им делеа летоци со едукативни и практични совети за одговорно учество во сообраќајот, за потребата од прилагодена брзина според сообраќајните знаци, како предуслов за избегнување на сообраќајни незгоди, како и со казнените одредби при кршење на Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.

Целта на кампањата е низ непосредна комуникација со возачите на моторни возила, да им се укаже на потребата од внимателно и совесно возење, како и строго почитување на сообраќајните знаци и другите сообраќајни правила и прописи со цел, зголемена сообраќајна безбедност.

Кампањата, спроведена со поддршка на Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата ќе се реализира и на останатите подрачја што ги покрива СВР - Охрид. аб/дма/

фото: МИА архива

Остани поврзан