• среда, 18 декември 2024

Преведувачката Соња Должан на преведувачка резиденција во Скопје

Преведувачката Соња Должан на преведувачка резиденција во Скопје
Скопје, 4 октомври 2021 (МИА) - Преведувачката од македонски на словенечки јазик, Соња Должан, престојува на преведувачка резиденција во Скопје. Резиденцијата се реализира во рамки на проектот „Превод во движење“, меѓународен проект кој опфаќа резиденции на книжевни преведувачи во Франција, Шведска, Велика Британија, Летонија, Црна Гора, Бугарија, Албанија и Србија. Како што се посочува во соопштението од издавачката куќа Готен, целта на проектот е да се зголеми соработката меѓу книжевните преведувачи од земјите во кои се реализира и да се интензивира книжевната размена во земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамки на преведувачките резиденции, преведувачите и преведувачките работат на конкретен книжевен превод, кој потоа ќе биде објавен во нивните земји. За време на својот престој, Соња Должан ќе работи на преводот на словенечки јазик на збирката раскази „Не одам никаде“ од Румена Бужаровска. Соња Должан е родена 1964 година во Љубљана. На љубљанскиот Филозофски факултет дипломира на студиите по хрватски, српски и македонски јазик со книжевност и споредбена словенска лингвистика. Авторка е на бројни научни статии, како и коавторка на „Наставен план за македонски јазик во основни училишта“ во Словенија. Во 2011 година ја објавува стручната монографија „Во таинствените длабочини на фантастиката и еротиката“. Преведува литературни, научни и стручни текстови од македонски, српски, хрватски, бугарски и англиски јазик на словенечки. На словенечки јазик ги превела романите „Сестрата на Зигмунд Фројд“ и „Враќањето на зборовите“ од Гоце Смилевски, „Папокот на светот“ од Венко Андоновски, „Тромбот“ од Оливера Николова и „Нишан“ од Блаже Миневски. Работи и со неколку словенечки театри, меѓу кои „Словенско младинско гледалишче“ од Љубљана и „Прешерното гледалишче“ од Крањ. Проектот „Превод во движење“ (Translation in motion) е финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. ев/сп/

Остани поврзан