• среда, 25 декември 2024

Прв Самит на НАТО на кој земјава учествуваше како полноправна членка

Прв Самит на НАТО на кој земјава учествуваше како полноправна членка
Брисел, 15 јуни 2021 (МИА) - Во Брисел вчера се одржа Самит на НАТО, прва средба на шефовите на држави или влади на членките на Алијансата на која Северна Македонија учествуваше како полноправна членка. Македонската делегација која учествуваше на Самитот го оцени собирот како историски момент за земјава и голем успех и за нашата држава и за Алијансата. - Првиот Самит на НАТО со 30 земји членки е историски момент за Северна Македонија. Ова ни е прв самит на НАТО како полноправна членка. Ова е голем успех за нашата држава и голем успех за НАТО. Денес стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и сведочиме за потврдата на единството, кохезијата и солидарноста на Алијансата. Трансатлантското партнерство е силно како никогаш порано, изјави премиерот Зоран Заев кој заедно со лидерите на земјите членки на НАТО, вчера учествуваше на пленарната седница на Северноатлантскиот совет. Пред нашите НАТО-сојузници, нагласи премиерот Заев, истакнавме дека Северна Македонија е посветена на визијата за Балканот во 21-от век како регион на мир и стабилност. - Посветени сме да изградиме нов Балкан со зајакната регионална соработка. Затоа, силно веруваме дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна европска и евроатлантска перспектива. Потребни се предвидливи, кредибилни и засилени процеси на интеграција за да нема безбедносен вакуум на Балканот, рече премиерот. Тој му се заблагодари на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на неговото водство во креирањето на Агендата НАТО 2030 за соработка со сојузниците, како и за широките и инклузивни консултации со многу засегнати страни во тој процес. - Агендата 2030 навремено ги адресира промените во стратешкото опкружување и го прави НАТО за 21 век. Ние се соочуваме со закани и предизвици од системски авторитарен натпревар за нашата Алијанса. Треба да сториме повеќе и ќе сториме повеќе за да ги поддржиме заедничките демократски вредности и да го заштитиме меѓународниот поредок заснован на правила, истакна Заев. И министерката за одбрана Радмила Шекеринска Самитот го оцени како историски за земјава. На Самитот, рече таа, доаѓаме како делегација на 30-та земја членка која што не чекаше што Алијансата ќе направи за неа, туку сакаше да покаже дека знае и да придонесе. - И на Криволак, и во Скопје, и на Балканот и тука во Брисел ја испраќаме пораката дека заедно сме посилни, дека и како мала земја покажавме дека може да вложуваме во регионалната и евроатлантската безбедност и дека решавајќи ги политичките проблеми и вложувајќи во својата и нашата заедничка безбедност можеме да придонесеме како сојузник, еднаков со останатите, рече Шекеринска во изјава пред почетокот на Самитот на кој учествуваше заедно со премиерот Зоран Заев  и министерот за надворешни работи Бујар Османи. За шефот на македонската дипломатија, трансатлантското партнерство останува камен-темелник на нашата колективна безбедност.
- Денеска е навистина важен, ден не само за нас ,туку и за целата Алијанса. После напорни консултации и неколку подготвителни министерски состаноци на кои лично присуствував, денеска во седиштето на Алијансата во Брисел, се одржува Самитот на НАТО на кој ќе се заокружат главните насоки за иницијативата НАТО 2030 година. На масата денеска е амбициозна трансатлантска агенда која треба да обезбеди поголема улога на алијансата во креирањето на долгорочната безбедност, но и поголема синергија, поголема интеграција на самите земји членки кога се работи за заедничката безбедност, истакна Османи.

Во својата изјава, Османи го истакна значењето што Алијансата го придава на борбата против хибридните закани и преземените натамошни активности за справување со овие современи предизвици, а изрази и поддршка за трансатлантското партнерство како камен-темелник на нашата колективна безбедност.

Пред почетокот на Самитот на НАТО, генералниот секретар, Јенс Столтенберг истакна дека фактот што во последните години, две земји од регионот на Западниот Балкан станаа членки на Пактот говори за отвореноста на Алијансата.

- Имаме нови земји членки од тој регион во последните неколку години, со тоа докажавме дека вратата на НАТО е отворена, Северна Македонија и Црна Гора се нови земји членки, но имаме и партнери во другите земји од регионот и уште го имаме КФОР во Косово, присутни сме и продолжуваме да помагаме да го стабилизираме регионот, изјави Столтенберг во интервју посветено на иднината на НАТО во наредните 10 години. сст/сп/

Тагови

Остани поврзан