• четврток, 19 декември 2024

Прв Апицентар отворен во Кичево, трет во земјата

Прв Апицентар отворен во Кичево, трет во земјата
Кичево, 1 јуни 2021 (МИА) - Брачниот пар Виолета и Борче Спасеноски го отворија првиот „Апицентар –Пчеличка“ во Кичево, кој од самиот старт побуди голем интерес кај населението од овој град. Семејството Спасеноски долги години се занимаваат со пчеларство и имаат над 100 пчелни сандаци, а Апицентарот ќе биде дополнителна дејност поврзана со пчеларството. - Идејата да го отвориме првиот Апицентар во Кичево и трет во земјава, ни ја даде наш близок роднина кој долги години работеше во Украина, каде оваа гранка од пчеларството е доста развиена. Апицентарот го отворивме пред петнаесетина дена и од самиот почеток голем број граѓани, пред се од помладата популација, го посетија овој Апицентар за да добијат соодветни третмани.Третманите во Апицентарот помагаат за повеќе болести,од белодробни заболувања, синуси,бронхити,мигрени,алергии,ларингитис, кардиоваскуларни заболувања, а помагаат и во третирањето на стресот, вели сопственичката Виолета Спасеноска, која потсети како се третираат пациентите во Апицентарот. За секој здравствен проблем, нагласи таа, третманот во Апицентарот е со специфична терапија, но постои еден стандард на кој треба постојано да се придржуваме. - Така после секој третман од 20 минути, пациентот прави пауза од 40 минута за потоа повторно да следи уште еден третман од 20 минути.Препорачливо е нашите пациенти да се лекуваат минимум пет дена или 200 минути, да ги вдишуваат супстанците што се наменети за нив. Во еден ист момент во Апицентарот најмногу можат да се третираат тројца пациенти, ако се од исто семејство, ако не поради превенција од Ковид-19 ќе можат да се третираат  до двајца пациенти, додава Спасеноска. Таа појасни дека за сите третмани се користат пчелни производи од нивниот пчеларник загарантирано еколошко чисти без никаква хемија и стопроцентно полезни по нивното здравје. за/цр

Остани поврзан