• вторник, 24 декември 2024

Прво рочиште за убиството на Вања и Панче: Според ЈО мотивот е изнудување пари, за Палевски обвинителството извршува политичка наредба

Прво рочиште за убиството на Вања и Панче: Според ЈО мотивот е изнудување пари, за Палевски обвинителството извршува политичка наредба

Скопје, 20 септември 2024 (МИА) – Обвинетите за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, денеска, во Основниот кривичен суд седнаа на обвинителна клупа, каде пред Судот рекоа дека не чувствуваат вина за двата кривични настани.

Ова беше прво рочиште по одлуката на Судечкиот совет за спојување на постапките на обвинетите, откако Основното јавно обвинителство најпрво поднесе обвинение против Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, а потоа и за првоосомничениот Љупчо Палевски за кого се чекаше екстрадиција од Турција. 

Според обвинителката Жаклина Крстевска, грабнувањето на Вања било извршено со намера да присилат некој член на нејзиното потесно семејство даде пари на обвинетите за нејзин откуп, посочувајќи дека обвинетите добро се познавале меѓу себе и затоа се договориле да сковаат и реализираат детален и разработен план. 

Обвинетите, вели Крстевска, биле известени дека Вања секој петок оди сама на училиште и затоа во петокот планирале да го реализираат грабнувањето, но како што рече, тие тргнале на локацијата, но не успеале да стигнат навреме поради метежот во сообраќајот. Според Крстевска, обвинетите знаеле дека во понеделник на 27 ноември 2023 година, Вања нема да оди на училиште заедно со својата сестра Миња, која во неделата навечер добила порака дека утредента треба да оди од вториот час на училиште, а за тоа бил известен само обвинетиот Александар Ѓорчевски.

– Насилно ја отвориле влезната врата од зградата за да ја грабнат Вања. Откако претходно го обезбедиле „Цитроенот“ обвинетите по дадените инструкции од Љупчо Палевски, дошле пред влезот на зградата, каде живее Вања. Влатко Кешишев чекал во возилото и внимавал да не наиде некој. Велибор Манев со шрафцигер ја отворил влезната врата од зградата, па заедно со Боре Видевски кој носел вреќа за спиење, влегле во зградата и ја чекале Вања. 

Кога Вања излегла од лифтот, појасни обвинителката, била ставена во вреќа за спиење со подотворен патент и ѝ биле ставени пластични стеги на рацете и нозете, по што била изнесена надвор од зградата, каде Кешишов ги чекал со „Цитроенот“, по што била ставена во гепекот. 

– На „Партизански одреди“ Боре го скршил мобилниот телефон „Ајфон 8“ на Вања за да нема сигнал. По претходно дадените инструкции од Љупчо Палевски, продолжиле да се движат по Качанички пат и кај надвозникот кај село Визбегово, се сретнале со Палевски, кој ги чекал со возило Рено Кангу, во близина на местото викано „дупки“ во атарот на село Бразда, рече Крстевска.

На свиреп начин и со умисла, околу 9 часот и 30 минути, обвинителката додаде дека обвинетите Љупчо, Велибор, Боре и Влатко ја лишиле од живот малолетната Вања, изложувајќи ја на тешко психичко страдање со силен интензитет.

Обвинителката Крстевска, во своето воведно обраќање претходно, по барање на оштетените Жаклина Ѓорчевска и нејзината ќерка, побара од Судот да биде исклучена јавноста од целата расправа, поради како што рече, интензивното известување на медиумите за настанот кое придонесло за продлабочување на болката, по што Судот не го прифати ваквиот предлог на Обвинителството.  

— Од страна на полномошникот и оштетената Зорица Мирчевска и од сестрата на Вања Ѓорчевска поднесен е предлог до обвинителството за исклучување на јавноста од целата расправа, заради интензивното известување на медиумите за настанот кое медиумско известување придонесло за продлабочување на болката, тешко сериозно пост-трауматско растројство, за кое во прилог доставувам извештај од специјалист психијатари препорака на психотерапевт, рече Крстевска.

Првообвинетиот Палевски пред Судот истакна дека ЈО извршува политичка наредба и дека во постапката како докази се ставени повеќе од 100 ДНК траги, а дури деведесет проценти од неговите приложени докази се користат против него, посочувајќи дека тоа се докази кои МВР Форензика ги има изготвено по наредба на Обвинителството. 

– На 1 декември имам јавна објава на мојот Фејсбук профил, каде сум што правам и така натаму. Во хотелот се пријавив и одјавив регуларно со моја патна исправа и тргнав на пат за да направам магнетна резонанца на мојата кичма, бидејќи 70 проценти од мојата кичма не е во функција. После 10 месеци, од моите приложени докази, Обвинителството ги злоупотребува и МВР Форензика по наредба на Обвинителството изготвува материјални докази. Не може да ме убеди Обвинителството дека нема наредба за политичко монтирано судење, затоа што многу добро знае Обвинителството. Како тоа не можеле да ја видат целосната слика за овој кривичен настан, па дури на 20 мај мојата ДНК е ставена во систем, рече Палевски. 

Содржината на обвинението, вели Палевски, е заснована на лажен исказ на еден од обвинетите кој сака да избегне доживотен затвор за злосторството кое е направено.

– Целата оваа содржина на обвинение е заснована на лажен исказ на еден од обвинетите, кој сака да избегне доживотен затвор за вакво злосторство кое е направено. Сите материјални докази ги побиваат овие приказни кои се содржина на ова обвинение. Одбраната не барала вештачење на биолошки траги. Ова е лицемерие. По се што објавија, нечувствувајќи ништо за мајката на Вања, сите видеа и слики што беа објавени по порталите беа во просториите на Обвинителството и од таму излегоа сите слики од „Смарт сити“, и токму Обвинителството погрешно ги брифираше медиумите. Тогаш Обвинителството не се секираше за душевната состојба на мајката на Вања, па после 10 месеци кога треба да ги соочиме сите докази тогаш сака да биде исклучена јавноста, рече Палевски.

Според Палевски, таткото на малолетното девојче, Александар Ѓорчевски е наместен од полициајта за да се изготви некаков лажен мотив и врска помеѓу нив двајца. Палевски пред Судот рече дека не го познава Александар, а ниту пак, Обвинителството докажало некаква врска помеѓу нив двајца.

– Овој родител, наместо да плаче по своето дете, од полицијата е наместен за да се изготви лажен мотив и врска меѓу мене и него. Јас не го познавам Александар. Јас бев киднапиран првите 7 дена. Ме донесоа на 15 мај во затворот во Скопје, но 7 дена не добив никаков акт. После ме донесоа со медиуми, со „калашникови“, 6 дена ме држеа, судијата на претходна постапка Душан Јосифов изврши кривично дело. Ова е политичко монтирано судење, рече Палевски.

Бранителот на Александар Ѓорчевски вели Обвинителството нема докази, ниту поткрепа на обвинението против таткото на Вања, туку како што рече, само паушално наведува дека помагал. 

– Во воведното обраќање на Обвинителството ние не слушнавме која е поткрепата на обвинението против Александар и врз основа на кои докази го темели обвинението за стореното кривично дело, само паушално наведува дека помагал. Немаме дејствија на извршување, ниту доказ во таа смисла, рече адвокатот Владимир Туфекџиќ.

Според него, таткото на Вања е жртва во целата судска постапка и вели „секој родител на кој би му се случило ваква работа би го преземал истото што го преземал тој, односно би одел во насока да води и своја самостојна истрага“.

Туфекџиќ нагласи дека обвинението се темели токму на доказите прибавени од страна на Ѓорчевски со согласност на полициските службеници, за кои побара да бидат испитани.

– Александар е жртва и е оштетен во оваа постапка и тврдам дека секој родител кој би му се случило ваква работа би го преземал истото што го преземал тој, односно би одел во насока да води и своја самостојна истрага и на крајот на краиштата сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници за кои и јас како бранител барам да бидат испитани и да видиме како и на кој начин ја воделе постапката и тврдам дека ова не е водено онака како што треба и затоа го имаме денеска тој резултат кој го имаме во однос на Александар, рече Туфекџиќ.

Според адвокатот Туфекџиќ, Ѓорчевски е класично зоупотребен и неговите дејствија кои ги презел во насока на самостојна истрага се злоупотребени и погрешно протолкувани. 

– Тој е класично зоупотребен и неговите дејствија кои ги презел во насока на самостојна истрага се злоупотребени и погрешно протолкувани. Не е никаква тајна дека Александар бил на дневна основа во постојана комуникација со децата и не е никаква тајна дека бил во неверојатна близина со своите деца, рече Туфекџиќ.

Неколку месеци пред овој настан, додаде, таткото на малолетната Вања им подарил две станбени единици на двете малолетни деца.

– Својот дел со договор за дар, како што говорат и доказите, неколку месеци пред овој настан е подарен и тоа две станбени единици се препишани на двете малолетни деца и доставивме доказ до Судот дека двете малолетни деца се даночни обврзници согласно евиденцијата во даночната управа, посочи бранителот на Ѓорчевски. ра/аа/

Фото: МИА

 

Остани поврзан