• вторник, 24 декември 2024

Прво регистрирање на лоби организација по донесување на Законот за лобирање

Прво регистрирање на лоби организација по донесување на Законот за лобирање

Скопје, 8 јули 2024 (МИА) – Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) денеска на седница донесе решение Друштвото за услуги Прима инкасо ДООЕЛ Штип да биде запишано како лоби организација во Регистарот на лобисти, лоби организации и лобирање, откако Друштвото го побарало тоа од Антикорупциската комисија преку електронската платформа lobisti.dksk.mk.

Сервет Демири, член на ДКСК, информираше дека се исполнети сите законски услови за ова правно лице да се впише во Регистарот, во кој ќе биде лоби организација регистрирана за вршење лобирање во областите економија, енергетика и правни консултантски услуги.

-По извршената проверка на потполноста на пријавата и исполнетоста на условите од членовите 6 и 7 од Законот за лобирање, а со оглед на тоа што на подносителот не му е суспендирано правото на повторно запишување во Регистарот, подносителот се запишува првпат во Регистарот, рече Демири.

Потпретседателот на ДКСК, Зоран Богоевски, соопшти дека  ова е прв случај на лоби организација која ги користи можностите од Законот за лобирање да се регистрира согласно законот иако тој, рече Богоевски, е во примена повеќе од две години.

-Затоа би сакал да ги охрабрам заинтересираните физички и правни лица, кои сакаат да се стекнат со статус на лобисти или лоби организации, да ги искористат можностите што им ги нуди Законот за лобирање и, секако, доколку имаат нејасностии или прашања, Комисијата им стои на располагање заедно со службите да им помогне на заинтересираните субјекти, рече Богоевски на денешната седницата на ДКСК на која ова беше единствена точка од дневниот ред. хс/ац/

Фото: МИА архива  

Остани поврзан