• четврток, 26 декември 2024

Првомајски штрајк и протести во Грција

Првомајски штрајк и протести во Грција

Атина, 1 мај 2024 (МИА) - Најголемите грчки синдикати денеска закажаа штрајк и протести за одбележување на Денот на трудот, иако официјално со министерска одлука првомајскиот празник е поместен за следниот вторник поради Велигден, јави дописничката на МИА од Атина.

Денешниот штрајк го организираат синдикатите на вработените во приватниот и државниот сектор и синдикатот на Комунистичката партија, а учествуваат и Здруженијата на новинарите, со што Грција од пет часот утрово ќе  биде без вести и информативни емисии.  

Штрајкот ќе создаде проблеми и во поморскиот сообраќај во земјата, со оглед на тоа што бродовите 24 часа ќе останат закотвени на пристаништата.

Возовите ќе сообраќаат со намален возен ред, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, бидејќи автобусите, тролејбусите, трамвајот и метрото ќе имаат неколкучасовни прекини на работата.

Паралелно, синдикатите закажаа и протести во Атина, традиционално, како и секоја година за одбележување на Денот на трудот. ср/рп/

Остани поврзан