• сабота, 23 ноември 2024

Претседателски избори во Црна Гора: Ѓукановиќ и Милатовиќ одат во вториот круг

Претседателски избори во Црна Гора: Ѓукановиќ и Милатовиќ одат во вториот круг
Подгорица, 19 март 2023 (МИА) - Досегашниот шеф на државата и кандидат на ДПС Мило Ѓукановиќ и Јаков Милатовиќ, кандидат на Движењето Европа сега, освоија најмногу гласови на денешните претседателски избори во Црна Гора и ќе се соочат во вториот изборен круг што ќе се одржи на 2 април.
 
Според првичните резултати соопштени во Подгорица, Ѓукановиќ освоил 35,3 отсто од гласовите, а Јаков Милатовиќ 28,9 отсто. Андрија Мандиќ од Демократски фронт е трет со 19 отсто, за Алекса Бечиќ од Демократска Црна Гора гласале 11,3 отсто, за кандидатот на СДПА Драгиња Вуксановиќ Станковиќ 3,2 отсто, за Горан Даниловиќ од Обединета Црна Гора има 1,5 отсто, а независниот кандидат Јован Радуловиќ 0,8 отсто, објави РТЦГ.
 
Во вториот круг одат двајцата кандидати кои освоиле најголем број гласови. Право на глас на претседателските избори во Црна Гора имаат 542.154 граѓани, а одѕивот на денешниот прв круг бил 64,06 отсто.
 
Мило Ѓукановиќ во првата изјава по објавувањето на резултатите, рече дека Црна Гора денеска поминала низ уште еден транспарентен демократски процес.
 
Посочи дека освоил нешто над 120.000 гласови, а тоа, како што наведе, е вреден резултат кој го исполнува со задоволство.
 
Резултатите од овие избори, според Ѓукановиќ, потврдиле дека на Црна Гора и се потребни и парламентарни избори.
 
Јаков Милатовиќ, пак, изјави дека неговиот резултат е победа на сите оние кои го носеа факелот на слободата во Црна Гора во изминатите 30 години, кои беа дискриминирани. кои ја напуштија земјата, доживеаја неправда и беа сиромашни.
Тој најави и дека на 2 април ќе го испрати во политичка пензија Мило Ѓукановиќ.
 
- Вечерва направивме одлучувачки чекор кон 2 април, кога ќе ја запечатиме победата. Ова е победа на цела Црна Гора, која генерации ја чекаа, победа на поправедна, поубава, побогата, поевропска Црна Гора, истакна Милатовиќ.
 
Третопласираниот Андрија Мандиќ најави дека во вториот изборен круг ќе го поддржи Јаков Милатовиќ. Тој рече дека нема победа за Милатовиќ во вториот круг без поддршка од Демократскиот фронт.
 
- Во името на Демократскиот фронт му давам целосна поддршка на Милатовиќ и ги повикувам сите црногорски граѓани да го поддржат. Нашите гласачи да излезат и да гласаат за Милатовиќ, без разлика дали ја почитува нашата поддршка, изјави Мандиќ.
 
Тој порача дека Црна Гора мора да тргне по нов пат и дека политиката на помирување ќе биде од корист за секој граѓанин.паг/са/
 
Фото: РТЦГ

Остани поврзан