• среда, 18 декември 2024

Првични резултати од прегласувањето на парламентарните избори

Првични резултати од прегласувањето на парламентарните избори

Скопје, 22 мај 2024 (МИА) -  Државната изборна комисија (ДИК) на својата веб страна почна со објавување на првичните резултати од денешното прегласување на парламентарните избори и информира дека сите избирачки места се затворени во 19 часот. 

Според податоците објавени на веб страницата на ДИК, на избирачкото место 1194 во Крушево, од 469 избирачи гласале 337, три ливчиња се неважечки, а излезеноста е 71,86 проценти. Најмногу, 290 гласа или 86 отсто добила коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, 13,06 отсто или 44 гласа коалицијата „За европска иднина“ на СДСМ, а Левица освоила еден глас.

На избирачкото место 1202 во Општина Крушево од 298 избирачи гласале 111, излезеноста е 37,25 отсто и нема неважечки ливчиња. Најмногу, 91 глас или 81,98 проценти добила коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, 13 гласа или 11,71 отсто се на „Твоја Македонија“ и седум гласа или 6,31 отсто од гласовите добила „Европска иднина“.

На избирачкото место 1272 во Општина Охрид од 711 избирачи гласале 373 или 52,46 отсто, а осум ливчиња се неважечки. Вкупно 303 гласа или 81,23 отсто добила „Твоја Македонија“, 27 гласа или 7,24 отсто има „За европска иднина“, 12 гласа или 3,22 процента има „Европски фронт“, 11 гласа или 2,95 отсто добила Левица и исто толку има ЗНАМ, а еден глас или 0,27 отсто има коалицијата „Вреди“.

На избирачкото место 1844 во Општина Струга од 753 избирачи гласале 483 или 64,14 отсто и има 10 неважечки ливчиња. Најмногу, 366 гласа или 75,78 отсто добила „Твоја Македонија“, 46 гласа или 9,52 отсто добила „Европски фронт“, „За европска иднина“ има 41 глас или 8,49 отсто, Левица 11 гласа или 2,28 проценти, „Вреди“ 4 гласа или 0,83 отсто, ЗНАМ два гласа, а „Единствена Македонија“ и Работничка партија добиле по еден глас.

На избирачкото место 1470 во Општина Долнени од 658 избирачи гласале 383 или 58,21 отсто и има седум неважечки ливчиња. Најмногу освоила „Европски фронт“, 234 гласови или 61,10 отсто, 80 гласа или 20,89 отсто добила „Твоја Македонија“, 53 гласа или 13,84 отсто добила „Вреди“, осум гласа или 2,09 отсто има „За европска иднина“ и еден глас освоила коалицијата „Храбро за Македонија“ на ГРОМ.

На избирачкото место 1470/1 во Долнени од 632 избирача гласале 350 или 55,38 отсто, а едно ливче е неважечко. Најмногу, 255 гласа или 72,86 отсто има „Европски фронт“, „Твоја Македонија“ освоила 82 гласа или 23,43 отсто, „Вреди“ има седум гласа или два отсто, „Европска иднина“ два гласа или 0,57 отсто, ЗНАМ два гласа, а еден глас има „Единствена Македонија“.

За избирачкото место 2101 во Општина Желино резултатите се уште не се објавени.

До 18.30 излезеноста на прегласувањето беше 55 отсто.

Во секој момент се очекува да почне и прес-конференција на ДИК.

Државната изборна комисија на 18 мај едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. мч/аа/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан