• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: Втората половина на октомври или првата половина на ноември очекувам да биде ставен во функција унгарскиот заем

Мицкоски: Втората половина на октомври или првата половина на ноември очекувам да биде ставен во функција унгарскиот заем

Скопје, 21 септември 2024 (МИА) – Првите индикатори во економијата со промената на власта се навистина изненадувачки позитивни во делот на растот на индустриското производство, преработувачката индустрија, растот на БДП, намалувањето на инфлацијата... наплатата на обврските од страна на институциите, Царината, УЈП и тоа охрабрува, вели премиерот Христијан Мицковски и посочува дека очекува покачување на платите во реалниот сектор. 

Одлуката на Централната банка за намалување на референтната каматна стапка за 0,25 проценти, според Мицкоски, значи дека полека, но сигурно во овие два-три месеци состојбата се стабилизира и полека економијата заживува. 

Мицкоски, исто така, нагласи дека очекува уште поголема економска активност во третиот и четвртиот квартал и поинтензивен раст на БДП и годината да биде завршена подобро од прогнозата на меѓународните финансиски институции. 

- Очекувам тоа да продолжи така, бидејќи сега во Парламентот помина заемот од 500 милиони евра. Веќе очекувам втора половина на октомври или првата половина на ноември да биде ставен во функција на македонската економија... и македонските компании да можат овој заем од 250 милиони евра да го користат, изјави Мицкоски по посетата на Кавадарци. 

Со Министерството за финансии, како што посочи, се анализираат условите од банките за користење на заемот. 

-  Ги повикувам банките да бидат солидарни со бизнисот и македонската економија и каматната стапка со којашто е земен овој кредит, да ја имаат и тие,  да не ја зголемуваат и калкулираат со трошоци, бидејќи и онака премногу трошоци се калкулираат. Доколку тоа не биде така, тогаш ќе одиме со Македонската развојна банка и со механизмите што ги имаме, ќе го започнеме овој проект, затоа што не сакаме македонската економија да биде дополнително оптоварена, изјави Мицкоски. 

Во однос на платите, премиерот рече дека Државниот завод за статистика со податоците за јули годинава ги побил тезите на поранешната влада на СДСМ и ДУИ дека со нив платите растеле, а со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да растат. 

-  Државниот завод за статистика со бројката што ја објави за јули, не само што ги демантираше, испорача и две контра тези на тоа. Прво, видовме дека платите во јули, што реално беше прв месец на оваа влада, продолжија да растат со исто и забрзано темпо, споредено со она што се случуваше изминатиот период. Но, разликата е што тогаш се ограбуваше буџетот на грбот на граѓаните и инфлацијата беше двоцифрена, па платата што ја добиваа граѓаните беше обезвреднувана, изјави Мицкоски. 

Денеска, нагласи Мицкоски, платата повторно расте забрзано, но инфлацијата е најниска во регионот во август, споредено со истиот месец лани и е на ниво од 2,2 проценти, а од почетокот на годината, заклучно со август е помала од 3,5 отсто. аа/бак/

Фото: МИА архива

Остани поврзан