• недела, 24 ноември 2024

Првиот претседавач на Собранието Никола Стојановски наполни сто години

Првиот претседавач на Собранието Никола Стојановски наполни сто години

Скопје, 14 февруари 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска беше домаќин на првиот претседавач на првото повеќепартиски Парламент, д-р Никола Стојаноски, кој како најстар избран пратеник ја имаше таа чест и одговорност на 8 јануари 1991 година да ја отвори конститутивната седница на тој пратенички состав.

На приемот, покрај Џафери, беа присутни и потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, координаторите на партеничките групи на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Митрески и Никола Мицевски, претставникот на Движењето БЕСА, Бастри Бајрами, генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова, замениците генерални секретари и други претставници од собраниската служба.

Повод за денешниот прием беше заедничкото одбележување на неговиот 100-ти роденден, меѓутоа и одлична прилика да се слушне непосредно од д-р Стојаноски за чувството и искуството кое го доживеал на тој толку значаен историски ден од поставувањето на темелите на повеќепартиското Собрание и градењето на еден нов почеток за државата, нов за сите присутни на таа пленарна седница. Истовремено, горд што сепак успеал да ја исполни својата должност без забелешки.

- Во искрениот и непосреден разговор со присутните, почитуваниот д-р Стојаноски, со сиот свој позитивизам и енергија, упати порака до присутните и до следните генерации дека постарата генерација се потпира на тоа дека младата генерација ќе стори подобро и поубаво од претходните генерации за да биде добро за сите, и за државата и за народот, се посочува во соопштението од Кабинетот на претседателот на Собранието. 

Претседателот на Парламентот Џафери и сите присутни на средбата му посакаа на д-р Стојаноски добро здравје и уште многу родендени и идни средби во законодавниот дом. ев/сп/

Остани поврзан