• вторник, 03 февруари 2026

Првиот вицепремиер Сали на средба со Кос во Брисел

Првиот вицепремиер Сали на средба со Кос во Брисел

Брисел, 3 февруари 2026 (МИА) - Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, кој од вчера престојува во дводневна официјална посета на Брисел, денеска ќе се сретне со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

Освен со Кос, во текот на својата прва посета на Брисел од стапувањето на должноста Сали ќе има средба и со генералниот директор на Генералниот директорат за проширување и источно партнерство (ДГ ИНЕСТ), Герт Јан Копман.

Вчера, на првиот ден од посетата, Сали имаше средба со известувачот во сенка на Европскиот парламент за земјата, словенечкиот европратеник Матеј Тонин, на која фокусот беше на македонскиот напредок во процесот на евроинтеграциите и спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи ги владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците.

Во разговорот беше истакната и важноста на тоа билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ, при што Сали ја потврдил посветеноста на земјата кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.

Сали и Тонин го поздравија постигнатиот напредок во планот за раст на Западен Балкан и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот за бесплатен вај-фај интернет во 500 општини во Западен Балкан - WiFi4WB и приклучувањето во Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА).

Вицепремиерот Сали имаше средба и со директорката за Западен Балкан при ДГ ИНЕСТ, Валентина Суперти, со која разговараше за напредокот на земјата во спроведувањето на реформската агенда и планот за раст на Западен Балкан, при што е оценето дека е постигнат одржлив напредок во клучни области, како владеењето на правото, јавната администрација и дигитализацијата на услугите.

На средбите со Тонин и со Суперти, Сали разговарал и за надминување на практичните предизвици со кои се соочуваат превозниците по воведувањето на системот за влез и излез (ЕЕС).

Сали посетата на Брисел ја почна со средба со кипарската амбасадорка при Европската Унија, Кристина Рафти, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.

Во фокусот на разговорите Сали - Рафти беа реформската агенда, планот за раст за Западен Балкан, како и клучните приоритети во рамките на напредокот на преговорите со Европската Унија.

На средбата беше нагласена важноста од континуирана соработка и поддршка од европските партнери за реализација на реформите и понатамошно унапредување на интеграцискиот процес. сп/хс/

Фото: МЕП

Остани поврзан