• четврток, 26 декември 2024

Прва средба меѓу Саливен и генерал Џанг во Пекинг за воените односи меѓу САД и Кина

Прва средба меѓу Саливен и генерал Џанг во Пекинг за воените односи меѓу САД и Кина

Пекинг, 29 август 2024 (МИА) - Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливен денеска имаше опсежни разговори со потпретседателот на Централната воена комисија на Кина, генерал Џанг Јукси, на крајот од тридневната посета на Пекинг, со цел да се намалат тензиите меѓу двете велесили.

На состанокот, прв меѓу Џанг и Саливен, и прв меѓу висок американски функционер и заменик-претседателот на Централната воена комисија на Кина од 2018 година, Саливан се заложи за подобрена комуникација меѓу двете страни

„Вашето барање да се одржи овој состанок со мене ја покажува важноста што американската влада ја придава на воената безбедност и нашите воени односи“, рече Џанг на состанокот во седиштето на Народноослободителната армија на Кина.

Саливен го опиша состанокот како „редок“ настан и истакна дека двете земји имаат одговорност да спречат ривалството да ескалира во конфликт или конфронтација.

„Со оглед на состојбата во светот и потребата за одговорно управување со односите меѓу САД и Кина, мислам дека тоа е многу важен состанок“, нагласи Саливен.

Двајцата се осврнаа на напредокот во воените комуникации и договорите командантите на оперативно ниво наскоро да воспостават телефонски комуникации, за што се залагаат САД.

Белата куќа соопшти дека Саливен, исто така, ја нагласил потребата од стабилност во Тајванскиот теснец и слободна пловидба во спорното Јужно Кинеско Море.

САД, исто така, изразија загриженост поради поддршката на Кина за руската одбранбена индустрија, се наведува во соопштението.

Саливен во средата разговараше со кинескиот дипломат Ванг Ји во врска со одржување нови разговори меѓу шефовите на нивните држави во блиска иднина, објавија кинеските државни медиуми.

Белата куќа соопшти дека „двете страни имаа искрена, суштинска и конструктивна дискусија за низа билатерални, регионални и глобални прашања“.

Посетата на Саливан на Пекинг, која завршува денеска, доаѓа во време кога во САД демократската претседателска кандидатка Камала Харис и републиканскиот кандидат Доналд Трамп зазедоа остри ставови кон Кина, особено во однос на царините. паг/

 

Остани поврзан