• недела, 24 ноември 2024

Прва седница на Координативното тело за африканска свинска чума: Состојбата е стабилна, нема ново жариште

Прва седница на Координативното тело за африканска свинска чума: Состојбата е стабилна, нема ново жариште
Скопје, 22 август 2022 (МИА) - Стабилна е состојбата со африканската свинска чума, нема ново жариште. Заклучно со вчера, убиени и нештетно отстранети се 1 305 свињи, соопшти директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски на денешната прва седница на Координативно тело формирано со одлука на Владата. Седницата се одржа во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), а Бабовски во својство на претседател на Координативно тело за подобрување на институционалната координација и преземање мерки за справување со оваа болест, пред останатите членови информираше дека во заштитните зони од три километри и во зоните под надзор во радиус од 10 километри околу жариштата, без проблеми се спроведуваат наложените мерки. -Стабилна е состојбата со болеста од потврдувањето на последниот случај во Облешево на 12 овој месец, односно, за среќа засега нема потврдена појава на ново жариште. Сите жаришта со потврдени позитивни случаи се затворени, во 3 целосно се спроведени мерките за депопулација. Заклучно со вчерашниот ден, во зоните од 3 километри убиени и нештетно отстранети се 1305 свињи. Мерките за активен и пасивен надзор на болеста африканска чума кај свињите се спроведуваат на целата територија на државава, истакна директорот Бабовски. За да се стави под контрола ширењето на вирусот и да се спречат економските загуби на одгледувачите на свињи, особено на комерцијалните фарми, додаде Бабовски, неминовно е да продолжи соработката во спроведувањето на мерките од страна на сите чинители во секторот. Донесен е заклучок, АХВ и МЗШВ во најкус можен рок до Владата да предложат формирање интервентен наменски фонд со предлог буџет, за брзо и навремено спроведување на мерките за контрола и искоренување на африканска чума кај свињите. -Еден од заклучоците е и Ловечката федерација да преземе мерки за итна максимална депопулација на дивите свињи како резервоар на вирусот на болеста, на територијата на целата земја, според акциски план дефиниран меѓу МЗШВ и АХВ, со посебен приоритет на регионите кои граничат со регионите под заштита и надзор, во временски период од 01.09.2022 до 30.04.2023 година. Паралелно со засилениот отстрел, да се врши и пребарување на теренот за пронаоѓање угинати диви свињи, потенцира Бабовски. АХВ ќе продолжи со исплата на сточарите за одземените и угинати свињи. -Царинската управа согласно заклучокот на Координативното тело, на граничните премини и на аеродромите треба да ги интензивира контролите на личниот багаж на патниците при влез во државата и на дневна основа да ја известува АХВ за количината и видот на запленетите производи од животинско потекло, како и нештетно да ги отстранува. АХВ, пак, треба да спроведе информативно – едукативна медиумска кампања за болеста африканска чума кај свињите, за што активностите се веќе почнати, дополни Бабовски. Според него, континуирано ќе продолжи и пописот на свињите во општините кои се прогласени за зони под заштита и зони со под наздор, но и на сите соседни општини, а итна депопулација согласно заклучоците ќе треба да се спроведе на сите одгледувалишта во радиус до 10 километри околу големите свињарски фарми, доколку не ги задоволуваат високите норми на биосигурност. -Факултетот за ветеринарна медицина и Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, во соработка со сите засегнати чинители, а особено АХВ, МЗШВ со соодветните оддели, Ловечка Федерација, Ветеринарната комора и здруженијата за свињарство и други, треба да изготват стратегија со конкретен акциски план за долгорочно справување со африканската чума во наредните 5 до 10 години, заклучи Бабовски. АХВ го крена алармот минатиот месец откако, по јануарскиот случај на африканска чума во делчевското село Драмче, беше потврден нов, во селото Моштица. Болеста беше детектирана и во Мојанци, Пресека, Тркање и Виничка Кршла. мч/дма/

Остани поврзан