• сабота, 09 ноември 2024

Прва регионална конференција на сметководители и овластени сметководители

Прва регионална конференција на сметководители и овластени сметководители

Скопје, 28 март 2024 (МИА) - Во организација на Институтот за сметководители и овластени сметководители (ИСОС) денеска во Скопје ќе се одржи регионалната конференција: „Сметководството во регионот – трендови, предизвици, стандарди и перспективи“. Ова е прва конференција од ваков формат што се одржува во нашата земја.

На конференцијата, која ќе се одвива под мотото „Во бројките веруваме (In numbers we trust)”, се очекува да земат учество околу 300 сметководители од нашата земја, претставници на професионални организации на сметководители и финансиски работници од регионот, претставници на институции, организации и компании од земјава, како и домашни, регионални и меѓународни експерти од областа.

Главната цел на конференцијата е да се иницира дискусија со која ќе се зголеми свесноста во општеството за актуелната состојба, предизвиците и перспективите за развој на сметководствената професија во нашата земја, имајќи ги предвид искуствата на земјите во регионот, ставовите и препораките на експертите, како и на претставниците на институциите и бизнис секторот.

Во рамки на конференцијата планирано е да се одржат три панел-дискусии посветени на патот до членство во Меѓународната федерација на сметководители (IFAC), за состојбите и предизвиците со кои се соочува сметководството во регионот, како и за актуелната положба и перспективите за натамошен развој на сметководствената професија во Македонија.

Конференцијата ќе ја отворат: претседателката на ИСОС Весна Прентоска, претседателот на Советот за унапредување и надзор над сметководствената професија - Горан Рафајловски и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Дополнително, една од целите на собирот е да се поттикне и поголема соработка помеѓу професионалните сметководители во регионот, преку размена на најдобри практики, искуства и едукација, за што е предвидено да се постави рамка за отпочнување поактивна соработка помеѓу организациите на сметководителите во нашиот регион. ев/мд/

ФОТО: Организатор

Остани поврзан