• сабота, 28 декември 2024

Прва пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост

Прва пленарна седница за унапредување на родовата еднаквост

Скопје, 8 март 2023 (МИА) - Собранието денеска ќе ја одржи 107. седница, прва пленарна седница исклучиво посветена на унапредување на родовата еднаквост. Истовремено се одбележува и 20-годишнината од формирањето на Клубот на пратенички.

На дневен ред на оваа седница е Информацијата за напредокот за родовите прашања во последните две децении во Република Северна Македонија. Информацијата ќе ја презентира министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, а збор ќе земат и актуелни пратенички.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на крајот од пленарната седница планирано е е да бидат донесени заклучоци. Седницата ќе се одржи во сала „Македонија“, а поради присуството на повеќе гости истата ќе биде следена и од салата „Голема купола“.

Од Собранието најавуваат дека како гости ќе присуствуваат министерките во Владата на Република Северна Македонија, заменик-министерки, претставници на дипломатскиот кор и на домашни и на меѓународни невладини организации, со акцент на НДИ, ОБСЕ и UN Women, кои континуирано соработуваат со Клубот на пратенички во Собранието, од формирањето во 2003 до денес.

Посочуваат дека покани за присуство се испратени и до поранешни министерки во Владата, како и до поранешните пратенички во периодот од 2003 година, односно почнувајќи од четвртиот состав на Собранието (2002 – 2006 година), заклучно со претходниот состав (2016-2020 година). 

Во чест на јубилејот на Клуб на пратенички по завршувањето на пленарната седница во Кристална сала е планирана и пригодна свеченост на која ќе бидат доделени благодарници на поранешните претседателки на Клубот на пратенички, на организациите кои дале иницијатива и учествувале во основањето на Клубот и на неколку меѓународни организации.

На свечениот дел, како што потенцираат од собраниската прес-служба, покрај претседателот на Собранието Талат Џафери, ќе се обрати поранешната пратеничка Елеонора Петрова – Митевска, првата претседателка на Клубот на пратенички, а во име на сите добитници на благодарници ќе се обрати Цветанка Иванова, поранешна претседателка на Клубот на пратенички и актуелна генерална секретрака на Собранието. Благодарниците ќе ги додели актуелната претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова.фф/ев/

Остани поврзан