• четврток, 05 март 2026

Прва пациентска конференција посветена на дијабетесот и најчестите коморбидитети по повод 25 години постоење на Сојузот на здруженијата на дијабетичарите

Прва пациентска конференција посветена на дијабетесот и најчестите коморбидитети по повод 25 години постоење на Сојузот на здруженијата на дијабетичарите

Скопје, 3 март 2026 (МИА) - На 20 и 21 март ќе се одржи првата пациентска конференција во државата посветена на дијабетесот и најчестите коморбидитети како дел од метаболистичкиот синдром. Воедно, ова ќе биде јубилејната конференција по повод 25 години од постоењето и дејствувањето на Сојузот на здруженијата на дијабетичарите - информира денеска во изјава за медиуми Мартин Николов. оперативен директор на Сојузот.

- Овие 25 години не се само бројка. Тие претставуваат четврт век борба, застапување, едукација и поддршка за лицата со дијабетес и нивните семејства. Токму затоа мотото на оваа конференција е „25 години борба, посветеност, солидарност и надеж“  рече Николов.

Тој додаде дека станува збор за значаен национален собир, што ќе го засили дијалогот и ќе го постави прашањето за дијабетесот на повисок приоритетен пиедестал - не само како медицински предизвик туку и како сериозно социо-економско прашање што бара интегриран и одржлив системски пристап.

- Особено значајно е што конференцијата ја организираме со огромна поддршка на Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболистички состојби, како и на Научното здружение на ендокринолозите и дијабетолозите на Македонија и Здружението за обезност на Македонија, што дополнително ја потврдува стручната и научната тежина на овој настан - истакна Николов.

Беше потенцирано дека конференцијата ќе обедини пациенти, лекари од разни специјалности - ендокринолози, нефролози, кардиолози, педијатри, офталмолози, матични лекари - како и претставници на институции и носители на одлуки.

- Мора да се напомене дека очекуваме присуство на официјални претставници на International diabetes federation, вклучително и членови на бордот на „ИДФ Европа“, директорката на „ИДФ Европа“, како и претседатели на националните сојузи за дијабетес од регионот. Ова ѝ дава меѓународна тежина на конференцијата и ја позиционира нашата земја како активен фактор во европската дијабетес-заедница - додаде тој.

Целта е јасна, нагласи Николов, поврзување на пациентите, докторите и институциите во заеднички дијалог, размена на искуства и добри практики, поттикнување одржливи и функционални здравствени политики.

- Уверени сме дека од конференцијата ќе произлезат силни пораки и конкретни заклучоци што ќе бидат слушнати од релевантните институции и од јавноста, со цел да изградиме систем што ќе превенира, ќе штити и ќе обезбеди подобар квалитет на живот за лицата со дијабетес - истакна Николов.

Тој ги повика сите лекари, пациенти, здравствени работници, претставници на институции, граѓански организации и засегнати страни да го регистрираат нивното учество и да бидат дел од оваа важна национална иницијатива.

- Вашето присуство значи глас. Вашето учество значи придонес. А дијабетесот бара заеднички одговор - порача Николов.

На новинарско прашање тој одговори дека најчести коморбидитети се ампутација и срцеви заболувања, што доаѓаат како компликации од дијабетесот.

- Шест луѓе без компликации ја чинат државата колку еден со компликации - истакна Николов. бд/вг/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан