• сабота, 28 декември 2024

Прва изведба на реквиемот од композиторот Прајснер посветен на Кишловски

Прва изведба на реквиемот од композиторот Прајснер посветен на Кишловски
Скопје, 24 февруари 2022 (МИА) Оркестарот на Филхармонијата вечер премиерно ќе го изведе „Реквием за мојот пријател“ на композиторот Збигњев Прајснер, посветен на полскиот режисер Кшиптоф Кишловски.

Диригент е Емил Табаков, а како солисти ќе настапат вокалистите Билјана ЈосифовЕнди Шен Лиу - Кина/АнглијаБојан Булатовиќ - СрбијаЃорѓи Цуцковски, Александар СтефаноскиЗолтан Борбељ - Србија, на оргулиКаролина Бетер - Германија/Србија, на соло блок флејта, и мешаниот хор „Про Арс“.

Збигњев Прајснер (1955) е еден од водечките композитори на филмска музика, и еден од најзначајните во неговата генерација. Прајснер соработуваше со познатиот полски режисер Кшиштоф Кишловски на неговите филмови „Декалог“, „Двојниот живот на Вероника“, трилогијата „Три бои: сино, бело и црвено“, кои му донесоа интернационална слава.

Токму за неговиот близок пријател и соработник Кишловски го пишува првото поголемо дело – „Реквием за мојот пријател“ што го издава во 1998 година за „Ворнер класикс“. Истата година делото ја доживува и својата светска премиера во Варшава. Делото е издадено и на цеде и на винил од издавачката куќа „Сони Поланд“.

Како што соопштија од Филхармонија, „Реквиемот“ е напишан во девет ставови. Типичен е за музичкиот стил на Прајснер, полн е со експресивни вибрата, а во него употребува и мал машки хор, гудачки квартет, органа и перкусии. Вториот дел е спротивен на првиот, помасовен е во употребата на музичките инструменти, тука Прајснер употребува голем оркестар и голем хор за да ја пренесе својата тонска визија.

Самиот композитор својата музика ја опишува како „гранична линија“. Дека не е ниту филмска музика, ниту класична. Нешто помеѓу.

- Создавам креации, правам креативна музика. Во „Реквиемот“ зедов голем дел од аспектите кои се типични за мојата филмска музика. Мојата музика има имиња, наслови кои ја дефинираат – „Тишина“, „Мир“... „Живот“ е приказна за нашето постоење, за она што поминало и она што допрва доаѓа. Размислувам и за смртта, за мене е важно прашањето „како да живееме и да умреме достоинствено?“, појаснува Прајснер.

Прајснер, првиот дел од „Реквиемот“ го напишал додека Кишловски лежел во болница, на смртна постела.

- Имаше операција на срцето и се шегуваше што ќе направи кога ќе излезе од болница. Но, никогаш не излезе. Напишав музика и за неговиот погреб, само за органа и глас кој потоа го проширив во „Реквием“. Финалниот дел е молитва за надеж, молитва за сила да продолжи животот. Делото е многу лично. Преку музиката, токму јас барам сила да продолжам да живеам во таа тажна ситуација. Во мојот живот имав малку луѓе со кои сакав да го минувам времето. Еден од нив беше Кшиштоф. „Реквиемот“ е молитва, но и барање, вакво пријателство да ми се повтори барем уште еднаш во животот, додава Прајснер. бт/сп/

Остани поврзан