• среда, 25 декември 2024

Бесими: Не е реално да се очекува дека пред избори ќе се објави нов тендер за „Чебрен“

Бесими: Не е реално да се очекува дека пред избори ќе се објави нов тендер за „Чебрен“

Скопје, 4 јануари 2024 (МИА) - Министерот за финансии Фатмир Бесими не верува дека пред изборите може да се објави нов тендер за изградба на „Чебрен“ откако пропадна и 14-тиот тендер.

- Кога ќе се оцени повторно во однос на следните чекори, а веројатно сега оваа година пред избори не е реално да се ветува дека ќе стигнеме да објавиме оглас, рече денеска Бесими, одговарајќи на новинарски прашања.

Вели дека има аргументи „за“ и „против“ и за едната и за другата варијанта, односно „Чебрен“ да се гради преку јавно-приватно партнерство или со домашни средства.

Оваа инвестиција, според Бесими, треба да се реализира, а националниот интерес вели дека заштитен со Устав и дека не може со еден договор да се наштети на националните интереси.

- Да ги најдеме најдобрите што можат да направат добри проекти. Во нашите закони и во нашиот Устав јасно стои што е национален интерес. Нема дилема дека може со еден договор нешто да се наштети. Важно е да се реализира проектот и преку јавна дебата да се видат аргументите, истакна Бесими. 

Последниот тендер за изградба на „Чебрен“ пропадна откако до 31 декември кога беше послендиот рок, грчката компанија ПЦЦ Архиродон не ја продолжи банкарската гаранција.

Константин Димитров, кој е дел од Здружението на инженери, вчера најави дека ќе покренат иницијатива да се донесе закон со којшто ќе почне да се гради Чебрен со домашни средства.

- Да се донесе закон за изградба на Чебрен, Галиште, Скочивир т.е. да се реши интегрално програмата со сливовите на реките каде Црна река е дел од Вардарска долина. Да се направи закон којшто не може да се менува без разлика која влада и да дојде. Однапред да се дефинираат средства коишто не се големи, рече Димитров. бак/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан