Пратеничката Саранда Имери од „Вреди“ го повика лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на одбележувањето на Охридскиот договор
- Не денешната прес-конференција, пратеничката Имери, истакна дека повод за нејзиното обраќање е обидот, како што рече, „да се приватизира еден светол датум во албанската историја“.
Скопје, 9 август 2024 (МИА) – Пратеничката Саранда Имери од коалицијата „Вреди“ денеска го повика лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да присуствува на државното одбележување на 13 август - денот на потпишувањето на Охридскиот договор од 2001 година.
Не денешната прес-конференција, пратеничката Имери, истакна дека повод за нејзиното обраќање е обидот, како што рече, „да се приватизира еден светол датум во албанската историја“.
- Пред 23 години беше испишано ново поглавје во историјата на Македонија кога беше потпишан Охридскиот договор. За мене како ќерка на Имер Имери, еден од потписниците на овој историски договор, ова претставува многу повеќе од политички документ. Тоа е наследство на една генерација која се бореше за подобра иднина и заедничко општество. Чувствувам огорченост кога гледам како еден датум кој треба да не обедини се користи за тесно партиски интереси, рече таа.
Имери појасни дека откако официјално ги испратиле поканите меѓу кои и онаа до ДУИ, Али Ахмети, како што посочи, одлучил со приватна прослава да го одбележи потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
- Во името на ликот и делото на мојот татко ја користам оваа прилика да му се обратам лично на г. Али Ахмети. Никој нема право да ги приватизира придобивките за Албанците од Охридскиот рамковен договор. Затоа апелирам до вас да не правите поделби меѓу нашиот народ. Сите ние треба да го обележуваме овој ден со почит. Намерите ви се провидни и однапред прочитани, потенцираше пратеничката..
Според неа, албанскиот патриотизам не смее да се стави во функција на одбрана на криминал и нечесни политичари.
- Загинатите и живите борци на УЧК, како и потписниците на Рамковниот договор Имер Имери и Арбен Џафери имаа искрени намери и не се бореа и не работеа за наместени тендери и лични богатења. Немојте да го скврнавите 13 август 2001 година. Датумот кој донесе мир сега 23 години подоцна да го користите за поделби меѓу албанскиот народ само заради тоа што сте опозиција. Искрено се надевам дека ќе ја преиспитате вашата одлука и ќе ја прифатите поканата наместо на партиски настан да присуствувате на државното одбележување на овој важен датум, посочи таа. ар/ац/
Фото: МИА