• среда, 27 ноември 2024

Пратеничката Колева делеше заштитни маски со натпис ,,Жените се вистински архитекти во општеството”

Пратеничката Колева делеше заштитни маски со натпис ,,Жените се вистински архитекти во општеството”
Кавадарци, 7 март 2021 (МИА) - Пратеничката Даниела Колева денеска делеше заштитни маски со натпис „Жените  се вистински архитекти во општеството” на градскиот плоштад во Кавадарци. Во изјава за медиумите, таа рече дека е ова нејзина лична иницијатива и иницијатива на невладината организација за жени и родова еднаквост „Визија”. -Нашата цел е заедничка, а тоа е во пресрет на меѓународниот ден на жената - 8 Март, да ја покренеме  свеста на сите граѓани во општеството, за моќта на жената, во секоја пора на делување. Сакам да нагласам дека како пратеник во Собранието, јас сум член на Комисијата за еднакви можности и на тој начин го давам својот придонес за унапредување на родовата рамноправност. Имаме многу за работа, значи постои голем напредок на оваа тема, меѓутоа целосна родова рамноправност е една од нашите приоритетни цели кои сакаме да ги постигнеме, а таа цел ќе ја постигнеме единствено на начинот на којшто жената во општеството ќе ја зајакнуваме и тоа како финансиски, така и на економски план, додаде Колева. Таа нагласи дека имаат и други цели. Една од клучните цели, појасни, е да се постигне поголема социјална заштита на жените од ранливи категории, заштита на жената од семејно насилство, заштита на  самохраните мајки, едукација на руралната жена за сите права коишто таа ги поседува и уште многу други цели, кои како што рече, „само заеднички, обединети ќе може да ги постигнеме”. -Сакам да кажам дека само обединети може да го продолжиме тоа што нашите претходнички почнале да го прават уште пред 110 години. Тие во тоа време успеале да ги постигнат целите кои биле приоритетни. Ние само обединети и заеднички ќе може да ги постигнеме целите кои се приоритет во ова наше модерно време, нагласи пратеничката. Таа им го честиташе празникот на сите жени, со желба за добро здравје и многу успеси, а истовремено и со голема верба дека преку заедништво и обединетост ќе може да се постигне се што е приоритет и цел за понатаму.свд/бт/

Остани поврзан