• недела, 24 ноември 2024

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бара да не се менува Уставот под бугарски диктат

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата бара да не се менува Уставот под бугарски диктат

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на одржувањето на лидерската средба го реафирмира ставот за неотварање на Уставот на Македонија, а со цел уставни измени.

Во соопштението од Пратеничката група се потенцира дека уставните измени кои ги прифаќа македонската Влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови кои не се прифатливи за македонските граѓани.

-Апелираме до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани, посочуваат пратениците од опозицијата.

Собранието, според нив, не треба да се доведе во позиција за исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта туку да служи на суверенот - граѓаните.

Пратеничката група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ, се наведува во соопштението, со овој став упатува раководството на партијата, сите политички претставници на Коалицијата „За обнова на Македонија“ и претседателот на партијата Христијан Мицкоски на претстојната лидерска средба да ги реафирмира ставовите за неприфаќање на уставните измени и да се почитуваат интересите на граѓаните.

-Македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат  европската интеграција на државата, но тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање на диктати туку процес за прифаќање и почитување на вредности. Оттука како пратеничка група на Коалицијата „За обнова на Македонија” предводена од ВМРО-ДПМНЕ бараме во името на огромното мнозинство македонски граѓани фер шанса иста каква што ја имаа останатите народи и држави од Централна и Источна Европа кога пристапуваа кон Европската Унија, се посочува во соопштението до јавноста. ев/ац/

ФОТО: ВМРО - ДПМНЕ Фејсбук 

Остани поврзан