• четврток, 19 декември 2024

Пратениците се уште не го усвоија дневниот ред на 88. седница

Пратениците се уште не го усвоија дневниот ред на 88. седница
Скопје, 18 октомври 2022 (МИА) - Собранието попладнево ја продолжи расправата за дневниот ред за 88. седница. Претседателот на Собранието Талат Џафери и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Левица спореа во врска со предлогот за втора точка на дневниот ред да биде Предлози за избор на судии на Уставниот суд. Тие бараа таа точка да биде тргната од дневен ред. Мнозинството не го поддржа новниот предлог предлогот, но и покрај тоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжија со повторување на тоа барање, но исто така бараа тргање или ставање на други точки од дневниот ред за да се оддолжи седницата. - Една точка е со девет кандидати и поединечно се гласа за кандидатите, рече, меѓудругото, претседателот на Собранието Џафери. Пратеникот од Левица Димитар Апасиев бараше предлогот за избор на судиите да се тргне од дневен ред, но мнозинството беше против ова негово барање. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски праша тогаш зошто кога беше усвоен првиот предлог, не беше ставен на гласање. Мицевски обвини дека ставањето само на двајца изгласни предлози на Комисијата за уставни судии од деветмина кандидати е преседан и е во спротивност со Деловникот. Меѓудругото, посочи дека одговорност за оваа постапка ќе сноси и претседателката на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, која го потпишала барањето. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски обвини дека Џафери не ја кажува вистината кога вели дека во Собранието се присутни 65 пратеници, бидејќи, според него, во салата има само 59. Тој изјави дека наместо да биде највисокиот демократски орган е „на ниво на задруга“. Стојановски ги повика вработените во Собрнаието да работат согласно закон, бидејќи како што рече, тие на кои што „им прават услуги за да им ја спасат политичката кариера, ќе ги остават сами да чекаат по судовите“. Претседателот на Собранието Џафери беше дециден дека тогаш во Собранието имало 65 пратеници. - И во моментов има 46 пратеници овде и на оваа страна имаше 19 и тоа се 65 пратеници. Но, да обвините служба дека лаже при броење, тоа е најниско што може да го направите, рече Џафери. Во предложениот дневен ред како прва точка се предлага изборот на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа, а на листата се и неколку закони поврзани со енергетската криза, и други закони. ев/сп/

Остани поврзан