• сабота, 28 декември 2024

Пратениците расправаа за измените на Законот за градење

Пратениците расправаа за измените на Законот за градење
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Пратениците денеска во рамки на продолжението на 84. седница го образлагаа Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка, со којшто се предвидува посебна постапка за поставување на фотонапонски електроцентрали на објекти, без издавање на решение за поставување, од страна на потрошувачи-производители кои произведената електрична енергија ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот на произведената енергија го предаваат во електродистрибутивна мрежа. Со Законот за градење фотонапонски панели за производство на електрична енергија со максимален инсталиран капацитет до 1 МW можат да се постават на објект по добиено решение за поставување согласно членот 74 од Законот. Со измените на Законот за градење ќе се избрише одредбата со која општината издава решение за поставување на фотонапонски системи на кров за потрошувачите-производители. Пратениците од владејачкото мнозинство укажаа дека станува збор за мошне важен закон и оти тој треба што поскоро да биде донесен. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ иако го поддржува овој закон во знак на револт го напушти пленарното заседание на самиот почеток поради, како што објасни координаторот на пратеничката група Никола Мицевски, задоцнетото закажување на продолженијата на три седници и кусото време за подготовка, како и неможноста да се инфомираат преку веб страната на Собранието поради тоа што не работела. Мицевски рече дека пратениците од опозицијата не биле навреме информирани за седниците туку дека добиле пораки во 9 и 30 часот. Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски, која ја води седницата, кажа дека тој уште синоќа најавил дека денеска ќе има седници и рече дека закажувањето на седниците од страна на претседателот на Собранието било деловничко. Седницата беше прекината, а потпретседателот на Собранието продолжението го закажа за 15 часот. Во Собранието за денеска се закажани продолжение на 84. седница, на 69. и на 88. седница. Заостанати точки на дневниот ред на 84. седница се Предлог на закон за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан, Предлог на закон за ратификација на Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан, Дополнет предлог на закон за буџети, како и Предлог на закон за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската инвестициона банка по Финансискиот договор за Проектот за подобрување на водната инфраструктура на општините во Северна Македонија и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за градење, двата по скратена постапка, Предлог на закон за изменување на Законот за спортска академија, Предлог на закон за установите за средно образование на верските заедници и Предлог на закон за дополнување на Законот за возила. На дневен ред на 69 седница се заостанати Предлог на закон за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија за взаемно признавање на одобренија за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (ОЕОС), Предлог на закон за ратификација на Спогодбата за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и на добиточна храна и фитосанитарна област во Западен Балкан, како и Предлог на закон за изменување на Законот за заштита на децата, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за поштенските услуги и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, сите по скратена постапка. Како последна за денеска е најавена 88. седница, на која на дневен ред како прва точка е Ристо Пенов да биде избран за министер за локална самоуправа, за што на седницата треба да присуствува предлагачот премиерот Димитар Ковачевски, кој е во посета на ОАЕ. Потоа треба да се гласа за уставните судии за што расправата заврши синоќа, а на дневен ред на оваа последно закажана седница се и закони поврзани со мерките за енергетската ефикасност како и законите за здруженија и за политички партии и други. ев/аа/

Остани поврзан